Свети великомаченик Георги Победоносец

Свети великомаченик Георги Победоносец

Свети Георги, е роден во Кападокија. На 20 години го добил чинот трибун и како таков служел на царот Диоклецијан. Кога Диоклецијан започнал прогонство против христијаните, свети Георги истапил пред него и одважно изјавил дека е христијанин, поради што царот го затворил, наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа наредил да го врзат на тркало под кое имало штици со големи клинци и така го вртеле. По ова го закопале во ров, така што надвор од земјата му била само главата и го оставиле во ровот три дена и три ноќи. Но при сите овие маки Георги непрестајно Го молел Бога и Бог веднаш го исцелувал и на големо воодушевување на народот, го спасувал Својот маченик од смртта.

Кога по молитвите на светителот, Господ воскреснал еден умрен човек, тогаш многумина ја примиле верата во Христа. Меѓу овие била и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј. На крајот царот ги осудил Свети Георги и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивнала на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георги го убиле во 303 година.

Од љубов кон Господ Христос, Свети Георги без тешкотии оставил сѐ: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го наградил со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. Го дарувал со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.

За светец е канонизиран од папата Галасиј Први во 494 година.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот