Мисијата на Светиот Престол при ОН во Женева се вклучи во интерактивниот дијалог на Советот за човекови права на тема насилство врз жените и девојките.
„Проституцијата е сериозно нарушување на човековото достоинство и основните човекови права“, се вели во соопштението на мисијата на Постојаниот набљудувач на Светиот Престол во ОН во Женева и другите меѓународни организации, поднесена за време на дискусијата на тема искоренување на насилството против жените во рамките на 56. состанок на Советот на ОН за човекови права.
Не работа, туку насилство
Светиот Престол се спротивставува на банализирањето на овој феномен, кој користи еуфемизми како „сексуална работа“. „Никогаш на проституцијата не треба да се гледа како на „пристојна“ работа. Наместо тоа, тоа е насилство врз жените и девојките, кои често се наоѓаат во ситуации на сиромаштво и голема ранливост и веруваат дека немаат друг избор“, се вели во соопштението, истакнувајќи дека оние кои ги искористуваат овие жртви, како што се организираниот криминал, трговците со луѓе, ги третираат само како „неисцрпен извор на незаконски и срамен профит“.
Одговорност и предизвик за општеството
Во соопштението се посочува и на одговорноста на државите да спроведат ефективни мерки против овој „презир кон достоинството на жената“, што ја вклучува и потребата да се надминат „причините за ова насилство“. Станува збор и за „гаранција за практична поддршка за жртвите“. „Кога општото добро се заменува со апсолутна слобода на избор и стремеж кон исклучиво индивидуалистички интереси, човечкото достоинство е загрозено и искривено. Длабокиот недостаток на вредности и односи создава такво сиромаштво, кое го уништува општественото ткиво и има штетен ефект врз семејствата“, се вели во соопштението, во кое се потсетува и на древната традиција на католичките монашки заедници, кои храбро ги поддржуваат и придружуваат оние кои се заробени во проституција, помагајќи им да излезат од неа и да ги обноват своите животи.
Делегацијата на Светиот Престол, исто така, ја изрази својата загриженост за зголемувањето на бројот на случаи на сурогат мајчинство, повикувајќи го Советот за човекови права да го земе предвид овој аспект во идните истражувања поврзани со насилството врз жените.
Ватикан нуз/к.мк