Во видео порака до Советот за човекови права на ООН во Женева на 23 февруари 2021 година надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите при Светиот Престол, предупреди дека пандемијата со коронавирусот го доведе во прашање ангажирањето за заштита и унапредување на основните човекови права, истовремено истакнувајќи ја нивната важност.
Католичката црква е загрижена за кршењето на основното човеково право на верска слобода произлезено од пандемијата, бидејќи некои епидемиолошки мерки го оневозможуваат почитувањето на тоа право. „Човековите права можат да бидат ограничени само во состојба на крајна потреба и овие ограничувања мора да бидат соодветни на ситуацијата, да се применуваат без дискриминација и да се користат само кога нема друг начин“, рече монс. Галагер.
Основното право на верска слобода го штити сведочењето и изразувањето на верските убедувања, како индивидуалните, така и колективните, јавните и приватните во форма на богослужби, обреди и учења. Покрај тоа, вистинската верска слобода се карактеризира преку соработка на политички институции и верски поглавари, верски и невладини организации засновани на унапредување на верската слобода и слободата на совеста, предупреди ватиканскиот дипломат.
Тој ја повтори подготвеноста на Светиот Престол да соработува во заштитата на основните човекови права. Пандемијата ги доведе во прашање заштитата и унапредувањето на универзалните човекови права, истовремено правејќи ја уште повидлива нивната важност. Објективна вистина е, независно од консензусот, ниту од времето, местото, културата или контекстот, дека секое човечко суштество има човечко достоинство, заклучи надбискупот Галагер.
Ватикан њуз/к.мк