Светиот Дух нека ги отстрани предрасудите, ја растера омразата и нека ни помогне да изградиме мир

На празникот Педесетница, 8 јуни 2025 година, Папата ја предводеше светата Литургија на плоштадот Свети Петар со која се заокружи Јубилејот на црковните движења, здруженија и нови заедници, и објасни дека Светиот Дух ги отвора границите во нас, во нашите односи и меѓу луѓето, го доведува во прашање индивидуализмот, ја преобразува волјата за доминација над другите, што често води кон насилство, како што, за жал, покажуваат бројните случаи на фемицид, и ги урива ѕидовите на рамнодушноста и нè отвора за братство.
Навистина сме Црква на Воскреснатиот и ученици на Духот само ако меѓу нас нема граници и поделби, ако во Црквата знаеме како да разговараме и да се прифаќаме едни со други, интегрирајќи ја нашата различност, ако како Црква станеме простор на прифаќање и гостопримство за сите.
Со овие зборови, папата Лав XIV го истакна профилот на автентичните христијани, во проповедта на светата Литургија за празникот Педесетница која ја предводеше на плоштадот Свети Петар и со која заврши Јубилејот на црковните движења, здруженија и нови заедници. Околу 80.000 верници и ходочесници се собраа на плоштадот, на Via della Conciliazione и други блиски улици.
Да живееме како браќа со поддршка на Светиот Дух
Во својата проповед, Папата беше вдахновен од зборовите на Бенедикт XVI упатени на Педесетница, 15 мај 2005 година – Црквата „мора да ги отвори границите меѓу луѓето и да ги сруши бариерите меѓу класите и расите“ – и нагласи дека Духот отвора граници прво во нас самите, во нашите односи и меѓу луѓето. Односно, ни овозможува да се соочиме со себе, да ја надминеме себичноста и да се отвориме кон она што нè опкружува; бидејќи постои однос на љубов меѓу Бог Отецот и Исус Синот, нè учи да не доминираме над другите. Учејќи нè да сакаме, ни овозможува да ги поништиме разликите и да го доживееме братството. Поради оваа причина, Папата поттикна да го повикаме Духот на љубовта и мирот, за да може да ги отвори граници, да ги сруши ѕидовите, да ја растера омразата и да ни помогне да живееме како браќа.
Духот ги отвора границите во нас
Во внатрешноста на секој човек, Светиот Дух е дар кој се отвора кон љубовта; тоа е присуството на Господ кој ја раствора нашата тврдост, нашата затвореност, стравовите што нè блокираат, самодоволност што нè тера да се вртиме само околу себе – објасни Папата. И така, во денешниот свет, во кој можностите за дружење се множат, но ризикуваме да бидеме, парадоксално, сè поосамени, бидејќи сме постојано поврзани, но сепак неспособни да се „вмрежиме“; секогаш потопени во мноштвото, но остануваме дезориентирани и осамени патници, Светиот Дух во нас евоцира живот кој одумира, изморен од индивидуализмот.
Божјиот Дух ни овозможува да откриеме нов начин на гледање и живеење на животот: нé отвора да се сретнеме самите себе, надвор од маските што ги носиме; нè води кон средба со Господ, учејќи нè како да ја искусиме Неговата радост.
И секогаш Духот ни помага да разбереме дека само ако останеме во љубовта добиваме сила да го чуваме Неговото Слово и дека затоа нè преобразува – додаде Папата. Накратко, Духот ги отвора границите во нас, така што нашиот живот станува гостопримлив простор.
Духот ги отвора граници во нашите односи
Бидејќи Духот е љубовта меѓу Исус и Отецот, која доаѓа да се всели во нас, тој нè прави способни да се отвориме кон нашите браќа и сестри, да ја надминеме нашата крутост, да го победиме стравот од оние кои се различни, да се воздржуваме од страстите што се будат во нас.
Духот, исто така, ги преобразува и оние потскриени опасности што ги трујат нашите односи, како што се недоразбирањата, предрасудите, експлоатацијата. Исто така, размислувам – со голема болка – за тоа кога врската е затруена од желба за доминација над другите, став што често се претвора во насилство, како што, за жал, покажуваат многу неодамнешни случаи на фемицид.
Напротив, плодовите што Светиот Дух ги прави зрели во нас – љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста (Галатјаните 5,22-23) – ги прошируваат границите на нашите односи со другите, отворајќи нè за радостите на братството, што за папата Лав XIV е основно во Црквата.
Духот ги отвора границите меѓу народите
На крајот, бидејќи, како што рече Христос, Духот нè учи на сè и пред сè ја втиснува во нашите срца заповедта за љубовта, Тој ги руши границите и ги урива ѕидовите на рамнодушноста и омразата. Понатаму, Тој ни помага да го видиме лицето на нашиот брат во другиот – истакна Папата – и на тој начин разликите не стануваат причина за поделба и конфликт, туку заедничко наследство од кое сите можеме да црпиме и кое сите нè поставува на патот, заедно, во братство.
Таму каде што има љубов, нема место за предрасуди, за сигурносни дистанци што нè оддалечуваат од нашите ближни, за логиката на исклучување што, за жал, ја гледаме како се појавува и во политичките национализми.
Молете се да се отстрани омразата и да завладее мирот
Осврнувајќи се на проповедта на папата Фрањо за празникот Педесетница во 2023 година, папата Лав XIV размислуваше за современата реалност во која има толку многу раздор и поделби и потсети дека сите сме поврзани, а сепак исклучени едни од други, нечувствителни од рамнодушност и угнетени од осаменост, трагичен знак дека сето ова се војните што ја тресат нашата планета. Затоа, Папата го повика Духот да ги прошири хоризонтите на љубовта и да ги поддржи нашите напори да изградиме свет во кој ќе владее мир.
Ватикан њуз/к.мк