Апостолската покорничара доделува потполн опрост за Годината на Свети Фрањо. Таа ќе се слави во Црквата од 10 јануари 2026 до 10 јануари 2027 година и е посветена на 800-годишнината од смртта на Сиромавиот човек од Асизи.
На 10 јануари, папата Лав XIV прогласи посебна Година на Свети Фрањо, за секој христијанин, следејќи го примерот на светецот од Асизи, да може самиот да стане пример за светоста на животот и неуморен сведок на мирот.
По повод оваа посебна Јубилејна година, Апостолската покорничара, во согласност со Папата, издаде декрет со кој се одобрува потполн опрост под вообичаените услови (Света Исповед, Причест и молитва за наканите на Светиот Отец), која може да се намени и за душите во чистилиштето.
За членовите на фрањевските семејства и заедници
Потполниот опрост им се дава на членовите на фрањевските семејства од прв, втор и трет ред; институти за посветен живот, друштва за апостолски живот, јавни или приватни здруженија на верници, мажи или жени, кои го следат правилото на Свети Фрањо или се вдахновени од неговата духовност, или на друг начин ја наследуваат неговата харизма.
Услови за сите верници
Апостолската покорничара, исто така, им дава потполн опрост на сите верници кои, без приврзаност кон гревот, учествуваат во Годината на Свети Фрањо со посета, во форма на ходочестие, на која било фрањевска црква или место за богослужба во кој било дел од светот посветено на овој светец или поврзано со него на некаков начин, и таму побожно учествуваат во јубилејните обреди или барем поминуваат некое време во побожно размислување и му принесуваат молитви на Бога – следејќи го примерот на Свети Фрањо, во срцата да се родат чувства на христијанска љубов кон ближниот и искрени стремежи за слога и мир меѓу луѓето – завршувајќи ги со молитвата „Оче наш“, Символот на верата и молитвите до Пресвета Дева Марија, Свети Фрањо од Асизи, Света Клара и сите светци од фрањевското семејство.
Опрост за стари и болни лица
Потполн опрост можат да добијат и старите лица, болните и оние кои се грижат за нив, како и сите оние кои, од сериозна причина, не можат да ги напуштат своите домови, ако тие, без приврзаност кон гревот и со намера што поскоро да ги исполнат трите вообичаени услови, духовно учествуваат во јубилејните прослави на Годината на Свети Фрањо, принесувајќи му ги на милостивиот Бог своите молитви, болката и страдањето од сопствениот живот.
Повик до свештениците
Апостолската покорничара ги повикува сите свештеници – монашки и епархиски – кои имаат соодветни овластувања да бидат подготвени – со ревносен, великодушен и милосрден дух – да исповедаат.
Ватикан њуз/к.мк

