„Само Ти биди во моето срце“

„Само Ти биди во моето срце“

Многумина се чудат кога ќе слушнат дека некој во денешно време оди во манастир – мислат дека тоа е работа на минатото. Што сепак ме поттикна на таа одлука? До својата 21 година живеев (…) и бев член на едно Католичко здружение на млади во (…). Тоа ми беше голема поддршка затоа што ме опсипаа со своите молитви и ме поттикнуваа на патот кон изборот на животниот повик.

Никогаш не сум замислувала, а уште помалку сум сакала да бидам чесна сестра. Отсекогаш бев вљубена во природата. Сакав да имам бројно семејство. Но, набљудувајќи го досегашниот живот, ги препознавам знаците кои ме упатувале кон нешто друго: на монашки живот, а чија смисла и цел тогаш не знаев да ги препознаам иако во својата внатрешност интензивно ги чувствував. Тоа беше „нешто“ што ме кочеше, чувство на не исполнетост; глас кој во срцето шепотејќи викаше дека на мојата душа ѝ треба нешто повеќе – ѝ треба Бог, но на посебен начин.

Се започна со последното вљубување кое беше пресудно. Веќе не бев сигурна во сопствените чувства и честопати бев исполнета со незадоволство. Затоа силно го молев Исус да ми прозбори. И ми говореше во своето Слово. Сфатив дека избезумено сум се држала за своите желби, кои што на Господа, очигледно ‘не му беа по волја’. Тоа ме доведе до сознанието дека во животот сум се обидувала сѐ да градам со сопствени сили. Немаше цврсти темели затоа што сум ја барала само својата волја, моите „кули од карти“ во момент се срушија. Тогаш како никогаш претходно почувствував рушевина и кревкост на својата беда. Тој истиот ден на обожавање во Меѓугорје својот живот го предадов на Бог молејќи: „Земи сѐ од мене, само Ти биди во моето срце!“. Тоа беше пред пет години и оттогаш Исус почна длабоко да го зафаќа мојот живот и срце, па така да го менува ослободувајќи ме од разни наврзаности. Но, борбата за и против Божјиот повик траеше уште цела година. Сепак Бог победи и повторно ми проговори со следниве зборови: „Знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се призвани по Негова волја, сè им врви добро;“ (Рим 8, 28).

Но, со оглед на мојата природа секогаш постоеше она „А што ако?“, затоа го молев Господа уште еднаш, но овој пат конкретно, да ми проговори. Еве го Неговиот одговор: „И ќе те свршам за Себе вечно, и ќе те свршам за Себе во правда и суд, во благослов и милосрдност. И ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе го познаеш Господа.“ (Осија 2, 19 – 2о) Тогаш ја донесов одлуката дека ќе истраам и почнав да молам за таа накана. Изворот од кој што црпев сила е самиот Бог. Се случува понекогаш и да се плашам, но најпрво тие стравови би ги предала на Бог, кој што сѐ прави на добро. За Бог нема ништо невозможно, а тоа е онаа што најмногу ме развеселува.

Ми стана јасно дека одговорот на повикот и животот во тој ист повик е далеку од занесот; тоа е првенствено одлука. Одлука дека и покрај искушенијата, нејаснотиите… ќе истраеш до крај. Сега ми е јасна вистинитоста на реченицата: „Верата е чекор во непознато“. Како и секој повик, монашкиот живот е испреплетен со радосни, но и тешки моменти. Животот на секоја монахиња треба да биде исполнет со љубов: непоколеблива и безусловна љубов кон Бог и човекот. Како што нема раст во верата без секојдневно препуштање на Бог, така нема ниту исполнет монашки живот без тоа исто препуштање.

Вистина, Бог сѐ уште повикува. Како што вели Свето Писмо „многумина се повикани, малкумина избрани“.Бог се зазема за мене!

Затоа, ако чувствуваш дека и тебе Бог те повикува на посветен живот донеси непоколеблива одлука во своето срце и моли за таа накана. Бог ќе најде начин да те услиши. Затоа и му зборува на секој еден од нас: „Не плаши се, само верувај!“ Тој знае што е добро за тебе. Дозволи му да те поттикне. Признај му дека ти треба. Во неговиот план си бил/била од пред настанокот на светот. Тој те сака и те сака токму таков/таква каков/каква што си. „Не плаши се, само верувај!“

Секоја личност која се одлучува на монашки живот треба секојдневно на колена пред светата дарохранителница да моли само за едно – за љубов, сѐ што мисли, зборува, прави, чувствува и моли да биде со вистинска љубов. И свети Августин вели: „Љуби и прави што сакаш.“ Ако застанеме малку на оваа реченица, во длабочината на срцето ќе ја најдеме смислата на монашкиот живот – тоа е повик на љубовта. (Т.H.)

Сусретнет/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот