Рим: Фестивал за духовна музика и уметност посветен на света Мајка Тереза

Рим: Фестивал за духовна музика и уметност посветен на света Мајка Тереза

Петнаесеттиот меѓународен фестивал за духовна музика и уметност кој ќе се одржи од 16 до 21 ноември во Рим е посветен на светицата на Годината на милосрдието, Мајка Тереза од Калкута.

Традиционални места на одржување се папските базилики и римските цркви кои ќе бидат домаќини на 800 уметници од целиот свет, меѓу кои ќе биде и Виенската филхармонија и за прв пат хорот и оркестарот Ла Скала од Милано.

Фактот што овогодишниот фестивал е посветен на Мајка Тереза има големо значење и не само заради тоа што таа била овоплотено милосрдие, туку и затоа што посебно ја сакала музиката – објасни кардинал Анџело Комастри, архипрезвитер на папската базилика Свети Петар. Малку луѓе знаат дека таа имала исклучително убав глас. Во младоста била во хорот на својата парохија во Скопје и заедно со својата сестра одлично свирела на клавир и мандолина. Исто така што се однесува до милосрдието кое било нејзиниот повик можеме да кажеме дека „пеела“ затоа што нејзината љубов била толку нежна и хармонична што на светот му испратила извонредна порака – рече кардиналот.

Но – според зборовите на кардинал Комастри – и музиката може да придонесе за единство. Нашата музика се раѓа од верата; – рече тој – и верата е таа која пее, а пеењето помага во молитвата. Кога Европа била обединета со вера била Европа; денес е обединета само со финансиите и сега е поделена; тоа не е Европа – истакна кардинал Комастри.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот