Реина: Папата ќе ја отвори пасторалната година на Римската епархија на 19 септември

Реина: Папата ќе ја отвори пасторалната година на Римската епархија на 19 септември

Кардиналот викар испрати писмо во кое го сумира неодамна завршениот Јубилеј на младите, изразувајќи благодарност до сите што учествуваа во подготовката на настаните. „Кога излегуваме надвор од сопствените граници и се поврзуваме со оние околу нас и со бискупијата“, пишува кардиналот, „работите навистина функционираат и имаат вкус на автентично црковно братство.“

Папата Лав XIV ќе ја отвори пасторалната година на Римската епархија во попладневните часови, во петок, 19 септември, во катедралната базилика „Свети Иван Латеран“. Ова го објави кардиналот викар Балдасаре Реина во писмо од 4 август. Во писмото, тој, во име на Бискупскиот совет, изрази искрена благодарност до сите кои учествуваа во подготовките за Јубилејот на млади, особено за настаните од последните неколку дена, кои кулминираа со бдението во сабота и евхаристиското славење во недела, предводена од Папата.

„Нашиот бискуп“, напиша Реина, „со радост се согласи лично да го придружува почетокот на пасторалната година и ќе дојде во нашата катедрална базилика во попладневните часови на 19 септември за да го исцрта патот на нашата Црква во рамките на едно големо бискупско собрание. Сакам да ја споделам оваа радост, за да можеме да ја придружуваме со молитва од сега па натаму.“

Великодушност во гостопримството

Кардиналот викар упатува посебна благодарност до Канцеларијата за млади, почнувајќи од нејзиниот директор, отец Алфредо Тедеско, „за нивната посветеност и поддршката што ја обезбедија во текот на изминатата година“. Во тој контекст, „иницијативата за воспоставување мрежа на претставници на младинската служба за секоја префектура се покажа како промислена“: триесет и шест свештеници беа поставени како одговорни, и – како што се истакнува во писмото – „извршија вредна служба, можеби честопати скриена од очите на многумина, но многу корисна во охрабрувањето на поединечните заедници, мапирањето на местата за прием, поддршката на младинските лидери и брзото пријавување на проблемите, со цел да се најдат соодветни и навремени решенија.“

Овој избор покажува дека „кога излегуваме надвор од сопствените граници и се поврзуваме со оние околу нас и со реалноста на бискупијата, работите навистина функционираат и имаат вкус на автентично црковно братство“, забележува кардиналот.

„Благодарноста“ треба да ги опфати и многубројните волонтери кои дејствуваат и на бискупско ниво и во поединечни парохиски заедници: „Беше прекрасно да се види великодушноста на толку многу браќа и сестри кои, според своите можности, направија сѐ што можеа за да го направат добредојдето поубаво и попријатно.“

Служба достојна за убавината на животот

Реина се присетува дека, при првичната дискусија за големиот настан, Дикастеријата за евангелизација, предводена од монсињор Рино Физикела, ѝ ја довери на Римската бискупија одговорноста за приемот на младите ходочесници: „Се зафативме со работа брзо и доброволно, организирајќи го секој аспект со посветеност, за да бидеме подготвени и да понудиме служба достојна за убавината на она што го доживеавме.“

Кардиналот не го крие фактот дека „овие неколку изминати недели не беа без неочекувани настани или тешкотии.“ Организацискиот процес бил „многу сложен, и свесни бевме дека некои работи можеби нема да функционираат совршено.“ Реина дури и се извинува „доколку, од наша страна како бискупија, не бевме подготвени да се справиме со одредени проблеми: уверени сме дека дадовме сѐ од себе, обидувајќи се посветено да одговориме на секое барање за поддршка.“

Лицето на Црквата

Пред сѐ, постои големо задоволство за извонредниот успех на Јубилејот на младите: „Верувам дека успеавме да го покажеме лицето на Црква која се стреми да биде верна на својот внатрешен повик како „мајка на сите цркви“ преку милосрдието и заедништвото. И кога ги гледаме плодовите на оваа посветеност, се чувствуваме охрабрени и ја откриваме прекрасната страна на нашата бискупија, полна со виталност и свежина“, се заклучува во писмото.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот