Во среда на 23 ноември 2016 во Пасторалниот центар во Скопје се одржа работилница за млади за изработка на адвентски венци.
Средбата почна со духовен наговор на дон Микеле Капасо, ректор на Надбискуписка мисиска меѓународна семинарија „Редемпторис Матер“ во Сараево. Тој ја нагласи важноста на адвентското време, како време на исчекување. „Во Адвент го исчекуваме раѓањето на нашиот Спасител. Но само оној кој има потреба да биде спасен може да исчекува, оној кој ја гледа својата сиромаштија и темнина во своето срце. Изработувајќи ги адвентските венци треба да размислуваме за нашата темнина и да го молиме Господ да дојде со својата светлина на што нѐ потикнува светлината на адвентски свеќи…“
Младите беа поделени во парови и така соработуваа во израбоката на адвентски венци од различни големини, бои и материjали. Во креативна и весела атмосфера младите изработија повеќе адвентски венци. Тие ќе се продаваат после мисата на првата адвентска недела и собраниот прилог ќе биде наменет за луѓето во потреба.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк