Прочитан поздравот од бискупот Киро Стојанов на Меѓународниот симпозиум за надбискупот Смиљан Фрањо Чекада
Во просториите на Католичкиот богословски факултет во Сараево, во вторник 20 октомври 2026 година, започна Меѓународниот научен симпозиум посветен на 50-годишнината од смртта на врхбосанскиот надбискуп Смиљан Фрањо Чекада.
Симпозиумот под наслов „Смиљан Фрањо Чекада, пастир на Црквата, сведок на времето и наследник на надежта“ го организираат Католичкиот богословски факултет при Универзитетот во Сараево и Врхбосанската надбискупија. На собирот учествуваат историчари, теолози, црковни дејци и студенти, а посебно внимание е посветено на служењето на Чекада во Скопско-призренската бискупија, Бањалучката бискупија и Врхбосанската надбискупија.
На почетокот од симпозиумот беше прочитан и поздравот на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, кој поради неодложливи обврски не беше во можност лично да присуствува.
Во својот поздрав бискупот Стојанов истакна дека симпозиумот претставува значајна можност повторно да се осветлат животот, пастирското служење и духовното наследство на надбискупот Чекада, кого го опиша како пастир што со својата верност и пожртвуваност оставил длабока трага во животот на Католичката црква на овие простори.
Посебно се осврна на периодот од неговото служење во Македонија.
„За нас во Македонија неговиот лик и дело имаат посебно значење. Како Скопски бискуп, тој со голема пастирска ревност му служеше на доверениот Божји народ во време исполнето со сложени општествени и историски предизвици. Неговата верност кон Црквата, близината со верниците и храброста со која ја извршуваше својата епископска служба остануваат големо сведоштво и пример“, порача бискупот Стојанов.
Тој нагласи дека вниманието што симпозиумот го посветува на периодoт кој монсињор Чекада го помина во Скопје, придонесува за подлабоко запознавање на поврзаноста на надбискупот со Скопската бискупија и Македонија. Неговото пастирско дело, според бискупот Стојанов, останува дел од историјата на помесната Црква и сведоштво дека верното служење остава траги што ги надминуваат времето и околностите.
Смиљан Фрањо Чекада бил именуван за Скопски бискуп во 1940 година и со седиште во Скопје служел до 1967 година. За време на Втората светска војна се застапувал за загрозените и прогонуваните, а на симпозиумот посебно внимание е посветено и на неговото залагање за Евреите во Македонија.
Во програмата се предвидени и посебни излагања за неговиот однос кон Евреите за време на Втората светска војна, односите со цивилните власти во Македонија од 1945 до 1967 година и неговото пастирско дејствување во Скопската бискупија.
Симпозиумот продолжува и на 21 октомври, а излагањата од собирот ќе бидат објавени во посебен зборник посветен на животот и делото на надбискупот Смиљан Фрањо Чекада.
к.мк

