За време на архиерејската света божествена Литургија на празникот Успение на Пресвета Богородица, 28 август 2023 година, која ја служеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, а во заедништво со свештеници од Струмичко – скопската епархија и Скопска бискупија, протојереј ставрофор отец Георге Трајков го прослави својот 50 годишен свештенички јубилеј.
Во проповедта за време на светата Литургија епископот Стојанов во кратки црти го скицираше свештеничкиот пат на отец Георге Трајков истакнувајќи дека веројатно ќе остане длабока тајна во срцето на нашиот Јубилант кога и на кој начин одекна тивкиот збор на Исус Христос во неговото родно Турново: „Ѓорги, дојди и следи ме“. Тој нагласи дека секој свештенички позив е единствен и неповторлив и по начинот и по околностите, но секогаш повикува директно по име: „Ѓорги, следи ме“, рече епископот Стојанов.
Зборувајќи за неговата свештеничка подготовка истакна дека поминал во Семинаријата во Крижевци кај отците Салезијанци, завршувајќи средно образование, додека теолошкиот факултет завршува во Кенигштајн – Германија.
Во продолжение епископот Стојанов потсети дека о. Георги Трајков за свештеник е ракоположен на денешен ден, 28 август 1973 година, на оваа место во оваа Црква, тогаш парохиска, денес Катедрала, од страна на Н.В.П. монс. д-р Јоаким Хербут. Во пасторалното дело како свештеник служи во Богданци и Гевгелија или поточно на целиот тој регион, заземајќи се за доброто на стадото кое му беше доверено, доживувајќи подеми и падови, издржувајќи ги сите тешкотии и напори, кои донесуваа нови и нови предизвици на овие простори од нашата земја. Потоа епископот Стојанов зборуваше и за неговото пасторално делување во Струмица, најпрво како парохиски, а потоа со воспоставувањето на Апостолскиот егзархат и како Катедрален парох и додаде: Во градбата на оваа прекрасна кадерала вложи дел од себе. Тука сакам да го спомнам и верното придружување на Неокатехуменскиот пат во оваа парохија, нешто што о. Ѓорги го правеше и го прави со голема љубов и жар.
Својата проповед епископот Стојанов ја заврши со зборовите: Денес на еден од најголемите празници на Црквата, Успение на Пресвета Богородица, кога нашата небесна Мајка Марија е вознесена на небото, Мајка и заштитничка на свештениците, сите нас, а посебно нашиот Јубилант, о Ѓорги, нека го штити и чува и додека му благодарам за неизмерното 50 годишно верно служење на Црквата му посакувам долг живот, добро здравје и мирна старост, и од ден на ден и натаму меѓу нас да биде знак на присутниот Христос. Драги браќа и сестри да се придружиме со благодарност и молитва на овој голем настан што денес ја радува нашата Католичка црква во Македонија: Струмичко-скопска епархија Успение на Пресвета Богородица и Скопска бискупија.
На крајот од свеченоста имаше пригодна програма, во која на отец Героги Трајков му беа искажани честитки, најпрво од катедралниот парох о. Спасо Ристов, а потоа и отец Зоран И. Стојанов, декан на Деканатот Свети Кирил и Методиј во име на свештениците од епархија, при што му врачи и пригоден подарок, благодарејќи му за неговото 50 годишно служење на Црквата.
к.мк