Прославен патрониот празник во Чанаклија

Прославен патрониот празник во Чанаклија

На 6 мај 2018 година во црквата „Свети великомаченик Георги“ во Чанаклија со света Архиерејска Литургија предводена од Н.В.П монс. д-р Киро Стојанов, Апостолски егзарх и Скопски бискуп, во сослужение на свештеници од Апостолскиот Егзархат, беше прославен патрониот празник свети Георги великомаченик.

Во пригодната проповед Неговото Високопреосвештенство, честитајќи им го празникот на сите верници им упати порака за неустрашливоста и храброста на сите луѓе како и на свети Георги кои доаѓаат од Светиот Дух.

Осврнувајќи се на легендата каде што свети Георги извојувал победа над чудовиштето кое демнеело во регионот во кој што живеел, преку која победа голем број од народот се преобратува кон христијанството, нагласи дека како таков бил неустрашив витез Христов кој што ја брани христовата Црква и христоват вера.

Исто така рече дека и покрај тоа што само во легендите се споменува, сепак свети Георги останал да живе сѐ до ден денес: „Змејот против кого се борел свети Георги го прикажува лошиот дух кој сака да го уништи христијанството, да ја уништи секоја душа. Но да не се плашиме зошто во нас е Светиот Дух кој ни дава сила храброст и јакост да бидеме храбри како свети Георги да можеме да се бориме против тие лоши духови кои што не можат да го уништат христијанството и Божјиот дух во нас.“

На крајот од Светата Литургија парохот о. Спасо Ристов му се заблагодари за присутноста на владиката кој што со својата присутност и неговото духовно Слово ги утврдува верниците во нивната вера, како и на сите кои продонесоа во организирањето на свеченоста, по кое во дворот на црквата беше организирано агаше од верниците.

к.мк./З.А.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот