Во петок, на 24 мај 2024 година, со свечена света Литургија беше прославен патрониот празник на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Петралинци. Светата Литургија ја предводеше парохот во Нова Маала отец Ѓорги Динов, во сослужение на отец Ванчо Назов парох во Сарај и Чанаклија, отец Трајче Ташев парохиски викар во Струмица и домашниот парох отец Ѓорге Појразов.
На светата Литургија присуствуваа сестрите Евхаристинки од Радово и Нова Маала, како и голем број верници од Петралинци и други парохии.
Во пригодната проповед отец Динов рече: „Да сакаме како што сака Господ без никаква корист, без никаков услов. Па и светите браќа кога го навестувале Евангелието во нивните мисии немале никаква корист, туку напротив морале да поднесат секакви телесни маки за да го навестуваат Исус Христос“.
На крајот од светата Литургија отец Појразов упати благодарност до свештениците за нивното присуство, како и до сите верници кои се вклучија во подготовката на прославата на празникот.
Прославата заврши со заедничко агапе во парохиската сала.
Во пресрет на патрониот празник, во парохијата се молеше молебен до „Свети Кирил и Методиј“.
к.мк