ПРОПУШТЕНАТА ШАНСА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НЕНАУЧЕНА ЛЕКЦИЈА

ПРОПУШТЕНАТА ШАНСА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НЕНАУЧЕНА ЛЕКЦИЈА

Отсуството на македонска делегација на инаугурацијата на папата Лав XIV е пропуштена можност за промоција на македонските христијански и универзални човечки вредности, но и државни интереси. Лекција која не смее да биде ненаучена

Пишува: отец Гоце Костов

На 18 мај 2025 година, плоштадот Свети Петар во Ватикан, покрај тоа што стана центар на еден глобален духовен настан, беше и дипломатско средиште со присуство на делегации од речиси целиот свет. Над 250.000 верници, повеќе од 150 државни и верски делегации, претседатели, премиери, патријарси и поглавари присуствуваа на светата Литургија на новоизбраниот папа Лав XIV. За само дваесетина дена, Ватикан вторпат ги собра светските лидери. Ваквата присутност само покажува дека инаугурацијата на еден Папа не е само црковен, туку и глобален настан од кој се испраќаат пораки од верска и дипломатска природа.

Папата Лав XIV, во базиликата Свети Петар, по инаугурацијата, подолго од еден час се поздравуваше со официјални претставници од целиот свет. Но меѓу нив – немаше македонска делегација. Немаше ниту претседател, ниту премиер, ниту некое друго официјално лице од земјата. Зошто? Случајност? Пропуст? Или пак укажува на поместувања на добрите односите со Светиот Престол, кои се градени со децении?

Додека останатите земји од регионот испратија свои високи делегации и ја искористија можноста за присуство на светската сцена, Македонија – ја немаше. Тоа можеби не се забележа меѓу многубројните делегации во Рим, но за нас дома ова прашање не смее да остане премолчано.

Да се потсетиме: во 2013 година, на инаугурацијата на папата Фрањо, Македонија испрати највисока делегација на чело со претседателот Ѓорге Иванов и други високи функционери. Тоа беше знак за продолжување на традицијата на негување добри односи со Светиот Престол, кои датираат уште од 1994 година, кога Ватикан беше меѓу првите што ја признаа нашата независност.

Отсуството на македонска делегација во 2025 не е само протоколарен пропуст, туку пропуштена можност за дипломатски контакти, за средби на маргините, за лични разговори, за градење и обновување на пријателства, ако сакате и за дипломатски офанзиви. Но пред сè можност за достоинствено претставување на една мала држава која често се бори да биде слушната и не смееше да се испушти таа можност.

Инаугурацијата на нов Папа е настан, кој не се повторува често. И кога очите на целиот свет, политички, дипломатски, медиумски, верски, се упатени во Ватикан, токму таму требаше да бидеме и ние – со наша делегација, со нашите вредности, со нашата традиција на дијалог со Католичката црква и почит кон христијанските и универзалните човечки вредности. Требаше да бидеме дел од тие сцени кои патуваат низ медиумите и низ објективите на камерите.

Можеби ќе добиеме некое скромно или сиромашно објаснување, а можеби и тоа ќе изостане. Можеби ќе се споменат административни пречки, распоред на активности, недостаток на координација. Можеби ќе има најразлични оправдувања, но што и да е причина, едно е јасно: во меѓународната дипломатија нема големи и мали, важни и неважни настани, туку настани на кои се забележува дека не нема, а требало да не има. Секој гест, секоја посета, секоја фотографија, секое ракување има своја порака. А ние не успеавме да испратиме порака. Но зарем и отсуството не е веќе порака?

Да бидеме искрени, ова беше пропуштена шанса. Но не мора да биде и ненаучена лекција.

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Католици.мк

Категорија: Колумни

За авторот