Проповед на Божиќна света Миса на Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх Струмичко – скопски
Отворена врата
Браќа и сестри, почитувани пред малите екрани на Македонската телевизија и слушатели на Македонското радио и Радио Марија Македонија!
Таинството кое оваа ноќ ја претвара во светло посилно од денот и вечерва не држи будни во молитва и радост, не е ни чудо – Божик е. Додека овој збор Божик не потсетува на деминутив на името на Бога, ни се јавува веќе во потсвест и сѐ повеќе извирa во свеста: Бог ни се објави како Дете. На зборот дете повторно ни се јавуваат нови и нови асоцијации кои ни се толку блиски што секогаш не допираат во срце. Не е ни чудо, што овој празник така го доживуваме, повеќе со срце одошто со памет. Сепак, овој празник нѐ повикува на изворот на самиот настан. Слушнавме од евангелието според св. Лука што сосема научно, студиски нѐ воведува во сериозноста на настанот со што човечката историја е разделена на две големи епохи: време пред Христос и време после Христос. Во сите религии заедничка тема е фактот дека човек од вера, исконски копнее за средба со Бога. Во многу религии – а пред сѐ, во светската литература, раскажан е начинот на кој е можен да се доживее средба со Бога. Но, фактот на кој почива христијанството е едноставен и несоборлив историски факт. Лука нѐ воведува дури во време кое е многу впечатливо, тоа е времето во кое госпопдари царот Август, кога со Галилеја владеел Ирод, а со Ерусалим управувал Понтие Пилат. Тие историски имиња ни даваат само временска одредница за денот кога тој настан започнал со кое всушност започнува и христијанството. На сцената која ја имаме според евангелието го среќаваме девствениот брачен пар Јосиф од домот Давидов и Марија која беше во блажена состојба според Светиот Дух. Авторот едноставно ни го приближува тој, нималку романтичен настан. Сиромашниот брачен пар е засенен од големата тајна во која и самиот тешко се снаоѓа. Марија според својата желба е девица која сака да живее максимална скромност во заштита на еден респектабилен маж, но сиромашен. Столар од прастарата лоза Давидова кој немал фирма, туку работилница за столарски работи. И тој е замислен од чудната Божја постапка, но му верува на Ангелот кој во сон му објавил дека тоа дете во крилото на неговата сопруга е Бог кој стана човек. Ниту Марија, а ниту Тој, а ниту ние денес можеме да го сфатиме тој чудесен Божји наум дека Бог одговарајќи на желбата на човекот за средба го избра семејството. А избра, наоѓајќи ја скромната Назаретска дева и уште поскромниот столар и тропна на вратата на нивните срца да бидат учесници на тој несфатлив чудесен Божји чин. Бог наиде на понизни срца кои и покрај тоа што не разбираат, сепак со срцето прифаќат, дека кога Бог говори човек има само една алтернатива, а тоа е: послушност. Послушни се на Божјиот глас и отворени на неговиот план, и така е овозможено настан, кој ја надминува секоја можност на човечкото знаење, а тоа е дека Бог стана човек, односно Творецот на создавањето. Семоќниот станува беспомошен, а оној што управува со универзумот и Создател на севкупната историја станува немоќно дете. Затоа реков, дека оваа таинство може да се чуе “само со срце”. Драги браќа и сестри да останеме на првиот чекор од оваа размислување при тврдењето дека празнуваме настан на верата кој влезе во историјата, а не може да се анализира со нашиот процес на мислење, туку се достигнува со верата која е дар на човекот кој има отворено срце.
Од друга страна, пред нас е сцена на еден вонреден настан, а тоа е попис на населението. Царот кој се прогласил за Бог сака да знае не само што има, туку и кого има. Во целото Царство наредува попис на населението според тогашните методи, како поинаку одошто секој да се регистрира во местото на своето потекло. Овој сиромашен пар треба да биде свесен дека нивното потекло е царско и потекнува од лозата Давидова во Јудеја во градот Витлеем. А Витлеем е град кој тогаш било мало незначајно село, одеднаш станува премал за да ги прими сите тие што дошле од различни краеви на своите огништа, бидејќи Витлеем некогаш бил царски град. На неговите полиња пронајден е ковчегот заветен кој своевремено свечено е пренесен во Ерусалим во ново изградениот Храм – чудо на историјата – граден од Давидовиот син Соломон. Но тоа е историја помалку бледа и само убава да може да се раскажува за славното минато исполнето со фантазија и сеќавања. Но, Витлеем не е веќе тоа, туку мало провинциско место кое се бори со своите проблеми за опстанок и преживување, како и сите други места, така и оние под окупација на моќните Римјани и царот кој верува дека е господар на светот. И не е чудо што тогашните жители на Витлеем немале чувство да ги прифатаат тие свои поранешни сограѓани, а сега повеќе или помалку странци од разни краеви на Палестина. Уште кога виделе жена во длабока блажена состојба можеме да сфатиме дека секој – за човечката свест – нормален граѓанин не сака да се оптоварува со сиромашните и уште до тоа жена во блажена состојба штотуку не родила.
Сега се случува нешто што длабоко нè допира во срцето, тие немаат избор. Јосиф и покрај сета своја грижа и после неколку дена патување не може да најде решение, но и на самата цел не може да најде засолниште. Не се разочарува, но можеме да си замислиме со колкава тешкотија гледа кон небото кое таа ноќ било молчеливо. Ноќта се спуштила и што друго можел освен да се вовлече во пастирско засолниште за да од таа и онака студена ноќ биде колку толку заштитена неговата жена која е трудна и за него кој е длабоко потиштен зашто не можеше да најде соодветно решение.
И токму во една таква безизлезна ситуација се случува Марија да роди. Го роди својот син единец, новороденец, и го стави во јасли на слама, бидејќи за нив немаше друго засолниште. Во исто време цар Август сака да принесе жртва во Рим на ритчето кое денес се нарекува Арачели – врата небеска. Таа негова жртва никој не ја забележува, а очекувал дека ќе биде историска. Не знае дека во исто време започнува нова историја, која се нарекува, не според него, туку според детето кое таа ноќ се раѓа. Марија и Јосиф во тој миг доживуваат одговор од небото на сосема чуден и необичен начин. Додека детето ги испушти своите први солзи како новороденче, тој глас и тие солзи го отвараат небото. Се појавува светлина и се слуша ангелската песна: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја. Но таа светлина и тој глас Витлеем не го слуша. Витлеем е во темнина, во длабок сон. И кој знае во какви соништа. Сепак, таа светлина и тој глас го гледаат и слушаат едноставните пастири. Тие бдеат и не спијат, туку чуваат стража покрај своите скромни стада. За нив единственото богатство е тоа што го имаат на пасиштата: овците и јагнињата. Одеднаш – можеме да си замислиме – Марија и Јосиф се чудат, слушаат пастирски жагор, пристигнуваат пастирите кон засолништето, кое за нив е познато, се восхитуваат и радуваат, се дружат и го даруваат тоа младо семејство кое добило дете и на тоа дете се радуваат, бидејќи слушнале дека денес се родил Спасител Христос Господ. А како знак на распознавање ќе најдат Младенец повиен кој лежи во јасли.
Браќа и сестри, а сега да се разбудиме од овој романтичен поглед на сцената и да се запрашаме: што ќе се случи, ако Исус денес се роди? За жал не се осудувам да го предочам тој настан, бидејќи тешко нам, детето денес во голема мера е непосакувано суштество кое тропа на вратата, на срцето на својата мајка и татко и не добива за право да биде родено. Во оваа модерно време често знаеме да ги исмејуваме семејствата со бројни деца, наместо да се заложиме и да ги охрабриме таквите семејства достојно да бидат издржувани. Невработеноста ги оневозможува родителите радосно да прифатат нов живот? Стандардната мерка и човечката алчност за задоволство не дозволуваат повеќе деца во семејството? Неморалниот однос и разврат неодговорно зачнуваат живот, таквиот живот се уништува со легитимното чедоубиство – абортус. Зарем и денес не се наоѓаме во заспиениот и мрачен Витлеем? Зарем, ако некое семејство, како св. Семејство, тропна на нашите врати, ќе му ја отвориме вратата? Или во себе ќе си помислеме, а не дај Боже, и гласно да изговориме: токму сега најдовте да ни го расипaте божиќното расположение. Ние празнуваме Божик, а се бориме против животот, уништувајќи ги во старт немоќните и малите на кои, Бог Господар на животот, им дарува живот. Им даде право да го уживаат богатството на оваа земја, овој воздух и на оваа поднебие кое и овој Божик е расветлено. Тврдам дека Исус, Божјиот Син, затропа на многу врати во оваа наша мила Татковина, но простете ми, ако прашам, каде завршија многуте абортирани деца? Зашто народ кој е отворен кон животот е народ кој има иднина.
Сѐ повеќе и повеќе се гледа како СЕМЕЈСТВОТО е загрозено на многу фронтови, преку различни идеологии и конвенции оваа вредност сака да се уништи. Потребно е да се создадат услови семејството да опстане. Во христијанството неделата отсекогаш била семеен ден, собирање околу заедничката трпеза, пригода за раст во заедништво. А денес „неделата ни се краде“ – овој единствен ден, семејството да биде заедно – татковците и мајките се приморани да бидат на работното место, а не со своите деца. Денес на празникот на Семејството прозборувам во името на Семејствата, во името на толку татковци и мајки, во името на децата на кои работната недела им ги „украла“ и мама и тато. Очекувам и ги повикувам одговорните во општеството да се позанимаваат сериозно со оваа прашање – со работата во недела. И затоа молам ова да не се игнорира, туку нека биде сериозна работа и така со заеднички сили ќе застанеме во одбрана и заштита на семејствата. Ние сме за НЕРАБОТНА НЕДЕЛА, бидејќи нашиот народ и земја опстанаа токму преку семјествата. Ако се уништи семејството, уништено е целото општество – бидејќи семејството е расадник на сите вредности.
Но, Божик е, и покрај овој факт што ја отпечатува цивилизацијата на 21 век никогаш не е доцна да се вратиме и обратиме кон Божикното таинство. Кој е условот, да го погледнеме своето срце и во него да ги исчистиме сите нечисти мисли на оваа хедонистичка цивилизација и да се обидеме барем да се покаеме за својата себичност, комоција, менталитет, уживање? Тоа покајание нека ни ја отвори вратата на срцето за да можеме со чисто око да го дочекаме секое новороденче на кое Бог му дарува живот. Да го направиме своето срце и оваа ноќ такво и како пастирите да бдееме не затоа да ги празнуваме во своето богатство, туку во својата едноставност да ги прифатиме малите и сиромашните, бидејќи не знаеме кај кого вечерва ќе тропнат на врата Јосиф и Марија носејќи го Исуса. Во Витлеемската пештера немало огради, немало врати, сѐ било ширум отворено за секој посетител што успеал да слушне глас одвнатре: Зашто дете ни се роди – Син ни се даде, ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли. А тој е Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Така ни пишува пророк Исаија и нека и нам така ни загосподари во срцето, и во општеството и меѓу сите верници и кај оние кои се помалку верници Божјиот бесконечен мир. Оттука да повториме со св. Иван Павле II: Отворете ги ширум вратите, Христос слободно да влезе во нашиот живот, во нашата историја.
Честитајќи ви го овогодишниот Божик токму тоа го посакувам: ја посакувам едноставноста на пастирите, верата на св. Семејството, да го прифатиме Христос Спасителот и ширум да ги отвориме своите срца кон проблемите на денешницата во кои малите молат и имаат право на живот.
И на крајот и најважното, најголемата радост која сите ние веќе ја слушнавме, а која ја чувствувам и сега, и сакам повторно да ја споделам со сите вас, а тоа е најголемиот божиќен дар што ни го обзнани Светиот Отец папа Франциск, дека на 7 мај следната година ни доаѓа во пасторална посета на нашата Татковина. Молејќи пред Новородениот Цар, посакувам оваа посета да ни донесе неизмерен мир и благосов! Среќен Божик! Мир Божји – Христос се роди!