Проповед на епископот Стојанов по повод осветувањето на новите камбани на Струмичката катедрала

Проповед на епископот Стојанов по повод осветувањето на новите камбани на Струмичката катедрала

Звукот на камбаните – глас Божји кој повикува на молитва

Драги браќа и сестри, Оваа пред Божикно време за нашата Црква е необично богат. Веста, Светиот Отец папа Франциск во мај следната година да нѐ посети, верувам дека сите нас искрено нѐ израдува. Бог ни даде, оваа наше мало стадо препознаено од Светиот Отец Папа, како многу живо, да доживее да биде воздигнато во Епархија. Пред две недели бевме сведоци на тој историски настан, значаен во очите на Општата црква, во очите на историјата и разбирливо и во нашите очи. Генерација на верници која сега го доживува тој голем настан ќе може, од колено на колено, да пренесува на младите, како тие лично беа сведоци и учесници на тие неповторливи историски настани за нашата Црква. Има чекори во историјата кои се неповторливи и ќе останат во животот на генерациите зад нас како потсетување и спомен за тоа што овие денови се случуваше во Струмица. Струмица и како црковно седиште и како град влезе во својата нова историја, но и овој народ и оваа земја, а најмногу ние, кои сме живи членови на таа Црква. Оваа наша Катедрала – Престолнина, засекогаш во историјата ќе остане центар на Католичката црква од источен обред во Македонија. Сепак, тоа не е наше дело. Тоа е најнапред Божјо дело. Бог е Пастир на својата Црква и тој е Глава на мистичното Тело Христово. На овие факти кои ги споменав, се гради историјата – настаните меѓу луѓето. Но, има една друга историја, која е вечна и чиј што создател е самиот Бог, а која се случува во срцата, совеста и душите на луѓето, а тоа е историјата на спасението. Црквата е жива и животворна заедница. Таа има послание да биде знак на присутноста на Исусовото спасение, но и да го направи тоа спасение за секој човек кој искрено го бара Бога. Реков дека таа човечка и Божествена историја се среќаваат и проникнуваат. Бидејќи човекот е битие, дух – душа – тело, тој овде на земјата има потреба од „знакови“ што и видливо не доведуваат поблиску на средба со Бога. Заради тоа градиме храмови, места за средба, ги декорираме со слики и многу други работи, знак преку кои човекот комуницира на повеќе начини. Нашата Катедрала која и во овој миг ја гледаме со нашите очи е вистинска убавица. Додека ги набљудуваме иконите ние ја читаме „библијата на сиромашните“. Таа е место каде со задоволство се препознаваме како браќа и сестри. Таа е место на молитва и светите Тајни. Таа е и наш Витлеем, и наш Назарет, и наш Ерусалим, и наша Голгота и Сала на последната вечера и место пред сѐ на Воскресението. Таа е наша. Навистина Мајка и срце на сите наши цркви во нашата новосоздадена Епархија: Успение на Пресвета Богородица: струмичко – скопска.

Денес таа велелепна градба – нашата катедрала – станува и гласна. Добива нови камбани. Што се тоа камбани? Еден пријатен глас и еден убав звук. Настанале во раниот среден век во манастирите. Ги повикувале монасите на молитва. Кога околу манастирите се населиле луѓе – верници, тие по звукот на камбаните знаеле што се случува во манастирот. На многу молитвени средби и верниците се повикувани по пат на звукот на камбаните, а пред сѐ на славење на Евхаристијата. Подоцна тоа се проширило на сите христијански цркви, пред сѐ на парохиските, според звукот на камбаните да ги повикуваат верниците на средба во црквата. Во текот на времето таа „задача на камбаните“ станувала сѐ посложена. Ги повикува верниците на молитва, придружува делови од литургијата, навестувале големи настани, празници, најавувале опасност и испраќале мртви. Како звукот на камбаните е „глас“ тој ни прозборува во Име. Во која смисла? Звукот на камбаните во некои околности заменува и лица, дури и Божјиот глас. Камбаните со осветувањето се стават во служба на Црквата која го слави Бога. Складот на камбаните го оддава складот на заедницата. Кога свечено ќе се огласат сите камбани тоа е знак дека нешто големо се случува.

Со осветувањето на камбаните ние исклучиво ги предаваме во Божја служба. Нека нивниот глас биде повик на молитва. Повик на литургија. Нека на оние кои не можат да бидат присутни им навестува на кој дел од литургијата се наоѓаат во моментот во црквата. Нека ни ги навестуваат празниците, делењето на светите Тајни, нека нѐ повикуваат на молитва за починатите и нека со нас ги оплакуваат нашите покојни. Му благодариме на Господа Бога на нашиот Катедрален парох и капелан и донаторите што нашата катедрала стана гласна, пријатно збогатена со прекрасен звук. Но, да запомнеме, камбаната на Црквата никогаш не ѕвони – народно би рекле – без врска. Камбаната секогаш повикува, порачува или најавува.

Нека со осветувањето на камбаните Бог го освети нашиот слух за нивната порака да ја слушнеме, а секој пат кога ќе ги слушнеме да не биде само порака, повик на увото – туку секогаш и повик на срцето. Звуците на црковните ѕвона секогаш говорат – пеат со верничко срце. Амин.

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот