Во вторник, 21 февруари 2017 година во НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ – Скопје беше промовирана монографијата „Денови на света Мајка Тереза“. Настанот започна со видео вовед, односно прикажување на видео снимка од Понтификалната света Миса, централниот настан на Татковинската прослава која се одржа минатата година во Скопје. Вечерта ја отвори Скопскиот парох и декан на скопскиот деканат дон Давор Топиќ кој во својот говор истакна:
„Со претставувањето на оваа монографија би сакале да го сочуваме од заборав настанот кој пред шест месеци го живеевме во нашиот град: Татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“ од 5 до 11 септември 2016, во чест на канонизацијата. Можеби се прашуваме зошто претставување на монографија која го прикажува настанот кој на некој начин сите ние го доживеавме одблизу. Токму затоа што заедно го градевме и во него се вградувавме, во него беа вклучени личности од различни народности и вероисповеди, настан кој го покажа единството, токму она лице кое го одразуваше животот на света Мајка Тереза.“ Своето обраќање го заврши со зборовите: „Ако сакаш да го промениш светот, оди дома и сакај го своето семејство“, говореше света Мајка Тереза, нашата сограѓанка. Што да си посакаме едни на други оваа вечер?! Сакам и ние да го земеме овој миг на молитви и сеќавања, овој мирис на светост во нашите домови и да го сведочиме насекаде.“
Понатаму, следеше претставувањето на монографијата од страна на промоторката г-ѓа Катица Трајковска Абјаниќ, која е дел од тимот кој работеше во реализирањето на оваа книга.
„На големи велосипеди, во бело сари со три сини ленти, во далечните осумдесети години во градот донесоа нови глетки на вообичаените скопски места. На минувачите речиси им беше невозможно, а да не го упатат погледот кон оние кои ги возеа. Заитани во своето секојдневие, љубопитните за миг како да подзастануваа, а врз лицата им се појавуваше нежна благост. Слушнавме дека се чесни сестри и дознавме дека се од редот на „Мисионерките на љубовта“ од Индија или од редот на Мајка Тереза. Мајка Тереза, нашата сограѓанка, Гонџа Бојаџиу, родена, крстена и порасната во Скопје! Девојката Гонџа во чии очи се оцртувале контурите на Водно и на Скопското Кале, која чекорела по Камениот мост и се молела пред статуата на „Пресвето Срце Исусово“ во Католичката катедрала, за еден ден во 1928 година да се упати кон Старата железничка станица и да тргне на патот кон светоста. Во 2016 година, градот од кој се разделила со радост ќе го пречека нејзиното прогласување за света. Токму таму каде што Гонџа ги направила своите први чекори, таму каде што ги имала првите прошетки под пролетното сонце, таму каде што пирка Вардарецот, на денешниот плоштад „Македонија“ во неделата на 11 септември 2016 година, со света Миса и навестување на Божјото слово се одржа централниот настан на татковинската прослава ‘Денови на Мајка Тереза’.“ Потоа истакна дека иницијатор за содавање на оваа книга која е резултат на овој многу значаен настан за Католичката црква во Македонија е Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, а уредништвото го сочинуваат Дон Давор Топиќ, г-ѓа Катица Трајковска Абјаниќ, отец д-р Зоран И. Стојанов, отец Гоце Костов и м-р Ена Абјаник, а монографијата е финализирана во печатницата Софија од Богданци.
„Таковинската прослава Денови на Мајка Тереза ќе остане запишана во нашите срца, во аналите на нашата понова историја, но и во оваа монографија која преставува и придонес во издаваштвото на дела од католичка литература на македонски јазик. Како што настаните од Татковинската прослава остануваат немерливи во своето значење, така записите за настаните, личностите и сведоштвата на мигот запишани и подредени во книгата се драгоцен историски материјал. Почнувајќи од формулата за канонизација, хомилијата на папата Фрањо за време на канонизацијата во Рим, прогласот за Татковинската прослава во Скопје, Указот за присуството на Папскиот делегат Кардинал Винко Пулиќ, проповеди, говори, реферати, документи… но да не должам многу. Оставам сами да откриете што сѐ ќе може да прочитате. И се разбира богата фото галерија. Овековечени мигови кои сликовито ќе им говорат на идните генерации. Топло ја препорачувам. Книга која треба да ја има на нашите полици за нас, но и за идните поколенија.“ истакна на крајот од своето обраќање г-ѓа Трајковска Абјаниќ.
Токму затоа што оваа година е прогласена за Година на молитвата во нашата месна црква, следеше читање текст на нашата светица Мајка Тереза за значњето на молитвата. Текстот го читаше Виолета Брзова Ханџиска. Потоа катедралниот бенд „Агапе“ ја испеа добро познатата песна „Опроштај“, која претставува музичка изведба на стиховите кои Гонџа Бојаџиу ги напишала пред своето заминување од родниот град Скопје. Оваа културно – духовна вечер заврши со зборовите на Н.В.П монс. д-р Киро Стојанов кој ја изрази радоста и благодарноста за излегувањето од печат на оваа монографија. Тој исто така кажа дека само неколку дена по излегувањето од печат на оваа Монографија, имал прилика да му ја подари лично на Светиот Отец папата Фрањо, по повод посетата Ad limina во Ватикан. Монографијата може да се набави во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и наскоро во сите католички цркви во Македонија.
к.мк/Е.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк