Во четврток вечер, 5 септември 2024 година во ресторанот Рагуза 360 во Скопје, се одржа свечена академија по повод 25 години епископство на монсињор Стојанов и беше промовирана монографијата „25 години епископство на монсињор Стојанов“ од авторите отец Гоце Костов и отец д-р Зоран И. Стојанов.
На почетокот на академијата, епископот Стојанов, пречекувајќи ги, им посака добредојде на гостите: Врхбосанскиот надбискуп и митрополит монсињор Тома Вукшиќ, Мостарско-дувањски бискуп и апостолски управител Требињско–мркањски монсињор Петар Палиќ, Бањалучкиот бискуп монсињор Жељко Мајиќ, вршителот на должноста во Апостолската нунцијатура монсињор Николас Гуиди, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, суперинтендентот на Евангелско–методистичката црква, Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, свештеници, чесни сестри, градоначалници, претставници на дипломатскиот кор и преставници од културниот, општествениот и академски живот.
На почетокот од академијата протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, брат на епископот Стојанов, во име на семејството се обрати до присутните. Истакна дека при подготовката на монографијата „25 години епископство на монсињор Стојанов“ јасно е согледано дека 25 години е период со многу активности и настани, кои сите не можат да се стават на хартија. Потоа се осврна накратко на почетоци на свештеничка формација на монсињор Стојанов, како и службите кои ги извршува пред да биде именуван за епископ.
Потсети и на моментот кога во таа 1999 година тогашниот Скопско-призренски епископ д-р Јоаким Хербут дојде во Радово за да им честита на нивните мајка и татко за именувањето на еден од најмладите епископи во Католичката црква, кој тогаш немаше полни 40 години, истакнувајќи ги првите зборови на нивните родители: „Господ да го чува и да му даде сила да го носи товарот кој Црквата му го доверува“.
Отец Зоран И. Стојанов ги истакна и тешките моменти кои ги поминаа нивните родители при што во име на сите членови на семејството искажа благодарност за нивната постојаност во верата. На крајот рече: На мојот брат и мој епископ му посакувам многу Божји благодати, вам ви благодарам што сте тука, а нему му посакувам духовни и телесно здравје, со истите зборови кои ги носам цели 25 години, а беа кажани со родителска љубов: „Господ да го чува и да му даде сила да го носи товарот кој Црквата му го доверува“.
Зборувајќи за монографијата „25 години епископство на монсињор Стојанов“ протојереј отец Гоце Костов истакна дека таа е плод на повеќе од 25 годишна заедничка ангажираност со д-р отец Зоран И. Стојанов во католичките медиуми „Светлина“ – христијанско списение, чиј основач е токму епископот Стојанов и на порталот „Католици.мк“.
Тој истакна дека монографијата е составена со повеќе од 250 фотографии и некои важни документи и 15 тематски поглавја, но навлегувајќи во детали на секое од нив посебно, истакна само некои делови од нив, како што е на пример второто поглавие кое се однесува на градби и обнови на цркви и црковни објекти и рече: Не само што ја гради Црквата како миситично Тело Христово, туку во неговото 25 годишно епископство се обновени и сите цркви и парохиски куќи, скоро сите се нови градби. И покрај тоа што монографијата нема намера да го прикаже историско-правниот развој на Католичката црква во Македонија, но тој се оцртува и провлекува, затоа што протогонист на тој развој е токму епископот Стојанов и рече: Некои се обидуваат да влезат во историјата, а епископството на монсињор Стојанов ја испишува историјата на Црквата во Македонија.
Читајќи ја монографијата отец Гоце Костов рече дека во неа јасно се оцртува дека во неговото епископство е важно единството на Црквата, семејството, молитвата, духовните звања, милосрдието, посветениот живот, Богородица – посебно Паљурска, лицата со посебни потреби, мигрантите, Света Мајка Тереза, оние кои се на маргините на општеството, верниците во запоадноевропските земји, медиумите, мирот…
На крајот заврши со зборовите: Сите овие настани и дела претставени во оваа монографија, посакувам да се сторат молитва до Пресвета Богородица Паљурска–Утешителка и со нив да го разнежни срцето на нејзниот Син, Паљурци да се врати на вистинските сопственици.
На академијата до присутните се обрати и епископот Стојанов кој најпррво се заблагодари на Троединиот Бог за службата која му е доверена и што го придружува со неговиот благослов на сите негови патишта.
Тој истакна дека прославата на 25 годишнина од неговата епископска хиротонија сакаше да биде скромна и едноставно и дека длабоко во себе знае дека ова не го прави заради себе, туку во знак на благодарност на Бога за разните дарови, посебно за дарот на живот и повикот да му служи најпрво како свештеник, а веќе 25 години и како епископ и тоа на две црковни покраини, со два различни обреди. Благодарност упати до Бога за неговите покојни родители, од кои беше посеано семето на верата и што нивните молитви Господ Бог ги услиша: нивните деца да му служат на Бога.
Потоа епископот Стојанов благодарност упати и до неговото семејство, неговите сестрите и браќата и нивните семејства, кои на некој начин, како што рече, го подготвија да служи на многу поголемо семејство кое преку Божјата милост го доби со хиротонијата.
Благодарност упати и до сите оние кои го придружуваа во свештеничката формација, посебно споменувајќи го монсињор д-р Јоаким Хербут, свештениците и посветените лица и најблиските соработници во ординаријатот, присутните епископи од Босна и Херцеговина и нивните претходници.
Епископот Стојанов благодари на папата Иван Павле II, кој го именува за помошен епископ, потоа за папата Бенедикт XVI кој го постави за епископ ординариј, за папата Фрањо, кој ја воспостави епархијата и го именува за прв епарх.
Благодарност упати и до авторите на монографијата „25 години епископство на монсињор Стојанов“ оетец Гоце Костов и отец д-р Зоран И. Стојанов, на фирмата Енерџи Актив и нејзиниот сопственик Борислав Лоринков, кој овозможи монографијата да ја види светлината на денот, на печатницата Софија, на сестра Климентина Стојанова и Габриела Костова за нивните изработки за подароците.
На крајот епископот Стојанов рече: Благодарен сум на Бога за Божјиот народ, за моите пасторални посети во парохиите и славењето на Бога со нив, затоа што при секоја моја посета во некоја од парохиите одново ја доживувам близината на Божјиот народ и Божјата присутност во животот на Црквата. Нема да можам да ги спомнам сите имиња на кои треба да им се заблагодарам, но сите вие драги присутни на свој начин го обликувавте и свештеникот и епископот во мене.
За време на академијата пееше катедралниот хор под водство на Јулија Неловска.
к.мк