Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави програмата за апостолското патување на папата Лав XIV во Алжир, Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја, кое ќе се одржи од 13 до 23 април 2026 година.
Од 13 до 23 април 2026 година, папата Лав ќе патува во Алжир, Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја. Ова е негово трето апостолско патување надвор од Италија од почетокот на понтификатот.
По посетата на Блискиот Исток кон крајот на 2025 година, со патувања во Турција и Либан, и пред претстојната европска посета на Монако на 28 март, ова трето патување го носи Папата во четири африкански држави.
Во понеделник, Канцеларијата за печат на Светиот Престол го објави распоредот на патувањето, кое ќе опфати 11 дена и 11 градови, со 6 поздравни обраќања, 10 говори и 8 проповеди.
Алжир: 13 до 15 април
Папата ќе слета во главниот град Алжир во понеделник 13 април. По пристигнувањето ќе го посети Споменикот на маченикот Макам Ешахид, подигнат во чест на Алжирската војна и свечено отворен во 1982 година по повод 20 години од независноста на Алжир, каде ќе упати поздрав.
Потоа ќе замине во Претседателската палата на средба со претседателот на Републиката, Абделмаџид Тебун. Следува обраќање до властите, претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор, во Конгресниот центар „Џамаа ел Џазаир“.
Папата потоа ќе ја посети Големата џамија во Алжир, една од најголемите во светот, со капацитет до 120.000 верници. Следи приватна посета на Центарот за добредојде и пријателство на Августинските мисионерски сестри во блискиот град Баб ел Уед.
Денот ќе го заврши со обраќање до алжирската заедница во Базиликата „Пресвета Богородица од Африка“ во Алжир.
Вторник, 14 април, Анаба и Алжир
Во вторник, 14 април, Папата ќе отпатува со авион во североисточниот пристанишен град Анаба, кој се развил од древниот град Хипон, поврзан со свети Августин.
Планирана е посета на археолошкиот локалитет Хипон, а потоа посета на дом за стари лица на Малите сестри на сиромашните, каде ќе ги поздрави присутните.
Следува приватна средба со членовите на Августинскиот ред во Домот на августинската заедница. Потоа Папата ќе служи света Литургија во Базиликата „Свети Августин“, а на крајот од денот ќе се врати со авион во Алжир.
Камерун: 15 до 18 април
Во среда, 15 април, папата Лав ќе отпатува од Алжир во Јаунде, главниот град на Камерун. Ќе ја започне посетата со средба со претседателот на Републиката, Пол Бартелеми Бијa, во Претседателската палата.
Потоа ќе упати говор до властите, претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор во Конгресниот центар.
Следи посета на сиропиталиштето Нгул Замба, каде ќе ги поздрави штитениците и вработените, а потоа ќе има приватна средба со камерунските бискупи во седиштето на Бискупската конференција.
Четврток, 16 април, Баменда и Јаунде
Во четврток, 16 април, Папата ќе отпатува од Јаунде во северозападниот град Баменда. Таму ќе се се обрати и ќе учествува на средба за мир со локалната заедница во Катедралата „Свети Јосиф“.
Потоа ќе служи света Литургија на меѓународниот аеродром во Баменда, по што ќе се врати во Јаунде.
Петок, 17 април, Дуала и Јаунде
Во петок, 17 април, Папата ќе отпатува во крајбрежниот град Дуала, каде ќе служи света Литургија на стадионот Јапома.
Потоа ќе ја посети приватно Католичката болница „Свети Павле“, а потоа повторно ќе се врати во Јаунде.
По враќањето, ќе се сретне со студенти и професори на Католичкиот универзитет на Централна Африка и ќе одржи говор.
Сабота, 18 април, Јаунде
Во сабота, 18 април, папата Лав ќе служи света Литургија на аеродромот Јаунде-Вил, по што ќе отпатува на третиот дел од патувањето.
Ангола: 18 до 21 април
Папата ќе слета во главниот град Луанда во сабота 18 април. Како и на претходните етапи, посетата ќе започне со средба со претседателот на Републиката, Жоао Лоренсо, во Претседателската палата.
Потоа ќе следи средба со властите, граѓанското општество и дипломатскиот кор, како и приватна средба со анголските епископи.
Недела, 19 април, Киламба и Муксима
Во недела, 19 април, папата Лав XIV ќе служи света Литургија во блискиот град Киламба, а потоа со хеликоптер ќе замине во Муксима.
Таму ќе моли Светата Бројаница на плоштадот пред маријанското светилиште „Мама Муксима“ и ќе одржи говор, по што ќе се врати во Луанда.
Понеделник, 20 април, Сауримо и Луанда
Во понеделник, 20 април, Папата ќе отпатува во североисточниот град Сауримо. Таму ќе посети дом за стари лица и ќе ги поздрави присутните и ќе служи света Литургија на плоштадот во Сауримо.
Потоа ќе се врати во Луанда, каде во парохијата „Пресвета Богородица од Фатима“ ќе се обрати до бискупите, свештеници, посветени лица и пасторални соработници.
Екваторска Гвинеја: 21 до 23 април
Во вторник наутро, 21 април, папата Лав ќе отпатува од Луанда во Малабо, поранешниот главен град на Екваторска Гвинеја.
Таму ќе се сретне со претседателот на Републиката, Теодоро Обианг Нгема Мбасого, и ќе се обрати до властите, претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор, во Претседателската палата.
Потоа ќе се сретне со културни претставници на кампусот „Лав XIV“ при Националниот универзитет и ќе одржи говор. Следи посета на персоналот и пациентите во психијатриската болница „Жан Пјер Олие“, каде ќе ги поздрави присутните.
Денот ќе заврши со приватна средба со бискупите на Екваторска Гвинеја.
Среда, 22 април, Монгомо, Бата и Малабо
Во среда, 22 април, Папата ќе има три лета. Најпрво ќе отпатува во Монгомо, на источната граница, каде ќе служи света Литургија во Базиликата „Безгрешно зачнување“.
Таму ќе ја посети и Технолошката школа „Папа Фрањо“, а потоа ќе отпатува во пристанишниот град Бата.
Во Бата, Папата ќе го посети затворот и ќе ги поздрави присутните. Потоа ќе го посети Меморијалот за жртвите од експлозиите на 7 март 2021 година во воена база, во кои загинаа повеќе од 100 лица, а околу 500 беа повредени, и ќе се помоли.
Потоа ќе се сретне со млади и семејства на стадионот во Бата, каде ќе се обрати, а потоа ќе се врати со лет во Малабо.
Четврток, 23 април, Малабо и Рим
На последниот ден од апостолското патување, четврток, 23 април, папата Лав ќе служи света Литургија на стадионот во Малабо, по што ќе отпатува назад во Рим.
Ватикан њуз//к.мк

