Со ова охрабрување Папата Лав XIV им се обрати на членовите на неколку монашки заедници за време на средбата што се одржа во сабота, 12 јули 2025 година, во Кастел Гандолфо, каде што Светиот Отец престојува за време на летниот одмор.
Иако Папите обично имаат малку јавни настани за време на престојот во ова гратче покрај езерото, јужно од Рим, Светиот Отец со радост ги прими учесниците во Генералните собранија на Папскиот институт за надворешни мисии (P.I.M.E.), Монахињите учителки Филипинки, Монахињите учителки Венерини, Ќерките на Црквата, Салезијанските Облатки на Пресветото Срце и Сестрите Фрањевки на света Ангела.
Во своето обраќање, Папата најнапред им заблагодари за нивното посветено служење и „верното присуство“ на многу места ширум светот. Го истакна значењето на нивните основачи и основачки кои, бидувајќи послушни на Светиот Дух, им оставиле богатство од харизми за изградбата на Телото Христово.
Божјата љубов кон човештвото
Светиот Отец нагласи дека нивните монашки заедници ја воплотуваат разновидноста на животот и мисијата на Божјиот народ. Меѓу посебните изрази на оваа мисија ги наведе: дарувањето на сопствениот живот, соединувајќи се со Христовата жртва, мисијата ad gentes (до народите), љубовта кон Црквата што се чува и пренесува, како и воспитувањето и формацијата на младите.
Сите овие различни патишта, рече Папата, ги обединува една иста, вечна реалност: љубовта на Бог кон човештвото.
Како што е вообичаено, додаде тој, секоја од овие заедници има свои особености преку кои го преиспитува и осовременува духовното наследство кое им е доверено, и ги повика тоа да го прават со длабока молитва и со меѓусебно слушање.
Потсетување од Бенедикт XVI
Повикувајќи се на зборовите на папата Бенедикт XVI, Папата Лав XIV потсети дека Светиот Дух – преку придонесот на многумина под раководство на пастирите – ѝ помага на христијанската заедница „да оди во љубов кон полната вистина“.
Во тој контекст, го подвлече значењето на обновувањето на автентичниот мисионерски дух, на усвојувањето на чувствата „кои беа на Исус Христос“, на вкоренувањето на надежта во Бог, на одржувањето на огнот на Духот, на промовирањето на мирот и на зајакнувањето на пасторалната соодговорност во помесните Цркви.
Прекрасната авантура за поблиско следење на Христос
„Да се соедини сето ова и да се потсетиме на него токму во овој момент,“ рече Папата, „ни помага подобро да ја разбереме убавината на нашето црковно заедништво — особено како посветени лица се ангажирани во истата прекрасна авантура за ‘поблиско следење на Христос’.“
„Нека ова го обнови и зацврсти во сите нас чувството и радоста што сме Црква,“ додаде тој, изразувајќи надеж дека токму ова ќе ги охрабри во нивното расудување за време на Собранието „да размислуваат смело, како неповторливи делчиња на еден нацрт што ги надминува нивните очекувања и ги вклучува во нешто поголемо.“
Божјиот план на спасение
Тој нацрт, рече Папата Лав XIV, е „планот на спасението“ преку кој Бог сака да го врати целото човештво кај Себе — како една голема семејна заедница.
Ги повика присутните да бидат како мали светилки што го разнесуваат светлото Христово – светло што никогаш не згаснува – по целата земја.
Пред да го даде својот Апостолски благослов, Светиот Отец ги повика сите заедно да Му се обратат на Господ во молитва, барајќи „да нѐ направи послушни на гласот на Неговиот Дух, Кој ги поучува сите работи, без Чија помош – во нашата немоќ – не знаеме ниту како да се молиме, како што треба.“
Ватикан њуз/к.мк