Префектурата ги објави пасторалните патувања на Папата во Италија

Префектурата ги објави пасторалните патувања на Папата во Италија

Помпеја, Неапол, Асизи, Римини и други дестинации во Италија се на програмата на папата Лав, објави Префектурата на Папскиот дом во четврток 19 февруари 2026 година. Првото патување е планирано за годишнината од неговиот избор за Папа, на 8 мај 2026 година.

На тој ден, претпладне во Помпеја ќе служи света Литургија, а по традиционалната молитва, составена од свети Бартоло Лонго, упатена до Богородица од Помпеја, чиишто спомен се слави на 8 мај, како и по ручекот, попладнето се очекува да пристигне во Неапол. Таму, во катедралата ќе се сретне со свештенството и со лицата со посветен живот. Потоа е планирана средба со народот на централниот неаполски плоштад Пјаца Плебишито. Оваа година, 8 мај се паѓа во петок.

Посета на население погодено од мафијата

На 23 мај, претпладне, во Ачера, место кое се наоѓа во „Тера деи Фуочи“ („Земја на огнот“) во јужниот италијански регион Кампања, е предвидена средба со верниците. Овој крај стекна тажна слава поради тоа што мафијата со децении незаконски фрлала или палела токсичен отпад на полињата, наследство што луѓето го чувствуваат и денес. Папата Фрањо сакал да ја посети Ачера во 2020 година по покана на бискупот Антонио Ди Донна, но поради пандемијата планот не можел да се реализира.

Во Павија, на северот од Италија, папата Лав XIV ќе отпатува попладне на 20 јуни 2026 година, а на 4 јули на програмата е Лампедуза. Островот, што се наоѓа пред Сицилија, е познат како пристанишна точка за многу мигранти кои се обидуваат преку Средоземното Море да стигнат до Европа. Лампедуза беше првата дестинација што папата Фрањо ја посети веднаш по својот избор во 2013 година. Сите три термини се во сабота.

800-годишнината од смртта на свети Фрањо од Асизи

Во четврток, 6 август, папата Лав планира повторно да патува во Асизи, каде што во базиликата „Санта Марија дели Анџели“, по повод 800-годишнината од смртта на свети Фрањо од Асизи, ќе служи света Литургија со младите што ќе бидат собрани таму.

Потоа, во Римини ќе отпатува по повод 47. „Средба за пријателство меѓу народите“, каде што во сабота попладне, 22 август, ќе служи света Литургија со верниците од бискупијата. Посетата на папата Иван Павле II во 1982 година значајно придонесе овој настан да стане познат на светско ниво.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот