Префектот на Дикастеријата за Источни цркви ја донесува близината на Папата со Турција и Сирија
Дикастеријата за Источни цркви соопшти дека префектот, надбискупот Клаудио Гуџероти, од 17 до 21 февруари 2023 година ќе престојува во Турција и Сирија со цел да ја изрази близината на Светиот Отец со луѓето погодени од земјотресот.
Според соопштението издадено од Дикастеријата за Источни цркви во четврток, 16 февруари, распоредот на префектот Гуџероти бил подготвен во договор со локалните Апостолски нунцијатури.
Најавена е посета на надбискупот Гуџероти на центрите за помош на жртвите од земјотресот во Алепо, како и средба со локалните католички и православни епископи и некои муслимански лидери.
Надбискупот Гуџероти ќе се сретне со добротворни организации и фондации кои работат во областа како што се Помош за црквата во потреба, AVSI, CNEWA-PM, Relief Service, Caritas Syria, Jesuit Service for Refugees, Association Pro Terra Sancta, L’Ouvre d’ Orient и Blue Marists, како и сопретставници на Бискупската комисија за делење на милосрдие во Сирија, тело кое неодамна беше формирано во Сирија.
Ќе посети и џамија во која се сместени жртви од земјотресот и ќе учествува на Божествената Литургија во мелитската гркокатоличка катедрала. Исто така ќе има можност да ја поздрави и заедницата на сестрите на Мајка Тереза.
Во понеделник, 20 февруари 2023 година, надбискупот Гуџероти ќе престојува во сириската престолнина Дамаск на средба со патријарсите и бискупите кои престојуваат таму. Во попладневните часови префектот преку Бејрут ќе отпатува за Истанбул.
Следниот ден, ќе се сретне со турските бискупи и директорите на канцелариите на Каритас вклучени во помошта на жртвите од земјотресот. Се очекува надбискупот Гуџероти да се врати во Рим во вторник вечерта на 21 февруари.
Гестот на близина со настраданиот народ е комбиниран со желбата да се охрабрат сите што работат на решавање на вонредната ситуација, а во исто време да се воспостави подобра координација на иницијативите и подготовка на проекти за сите работи што ќе бидат потребни во наредните месеци, се вели во соопштението на Дикастеријата за Источни цркви.
Исто така, се наведува дека Дикастеријата повремено ги собира најважните хуманитарни организации во Унија за помош на источните цркви (ROACO) за областите под нејзина јурисдикција.
Ватикан њуз/к.мк