Свеченоста на празникот Преображение Господово која ја славиме нѐ повикува да направиме едно патување меѓу поважните гори, онаа на Тавор и онаа на Голгота. Всушност, во основа се работи за тоа да го следиме Исус, заедно со Петар, Јаков и Иван и да се искачиме на местото каде што Исус се преобразува пред нив, променувајќи го надворешниот изглед, до таа мера што „лицето Негово светна како сонце а алиштата Му станаа бели како светлина“.
Вистинските христијани се херои на двете гори, Тавор и Голгота
Ова искуство на радост и рај, бараат апостолите до Исус, кој е придружуван од Мојсеј и Илија, да останат таму заасекогаш. Оваа планина е пријатна па дури ги повикуваат да се населат таму, живеејќи во контемплација, преку целиот живот. Но Исус ги потсетува апостолите дека треба да се напушти оваа планина, бидејќи Него и сите луѓе ги очекува една друга која се вика Голгота. Херој е оној не само во успехот, туку исто така и во очигледниот неуспех прифаќа да оди по Исус. Гората Тавор е гора на Славата, додека Гората Голгота е Гора на Спасението и Избавувањето. Едната и другата се поврзани со заедничка нишка, а таа нишка е Исусовиот живот. Да се искачи на овие две гори, за еден христијанин значи навистина да биде на страната на Бог, кој ни се открива во славата, но исто така и во страданието. Да се сака Христос од Тавор е исто да се сака Христос Распнатиот, бидејќи е единствениот Божји Син кој ни се открива и на Тавор како и на Крстот. Не случајно евангелскиот текст од овој празник укажува на новото објавување на Исус Христос како Божји Син: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја. Него послушајте Го!“. Последицата од ова ново објавување е обожувањето на апостолите и нивното однесување се сведува на целосната потчинетост на Бог преку целиот нивен живот. Всушност, трите апостоли „кога го чуја тоа, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: »Станете не бојте се!« А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исуса“.
По искуството на радостта и на славата се враќа да се биде „еден на еден“ со Исус, продолжувајќи го патот од кој Тавор е само една прекрасна сцена, но проектирана за Голгота. Таа е вистината бидејќи, кога слегуваа од гората, Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите !“ Зошто ли Исус бара од тројцата да ја зачуват тајната за она што виделе? Одговорот е едноставен: бидејќи во радоста, кога работите одат на добро, лесно е да се поверува, без многу да се размислува. Но кога се соочуваме со болката, со смртта, со искушението, со страданието, кога треба исто така и ние да се искачиме на нашата Голгота носејќи го својот крст, тогаш станува тешко да се поверува и да му се довериме на Господа. Исус сака да ги подготви неговите тројца апостоли да бидат поблизу до Него и поблизу до таинството на Крстот кој за кратко време од тогаш ќе се случи распнувањето Исусово. За оваа вера во распнатиот и воскреснатиот неопходни се верификација и убедлива лична и црковна согласност. Свети Петар во неговото Второ Соборно Послание ни кажува како точно се доаѓа до верата и кои внатрешни промени таа бара: „Возљубени, ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие“. Петар кога го зборува тоа мисли на Тавор, но исто така и на крстот и на воскресението. Тој е присутен на сите случувања и по Господовото воскресение и слегнувањето на Светиот Дух, се зајакнува во мисионерското проповедање за спасението кое е дело на Христос, во таинството на Воскресението. Во кратки зборови, првенецот на апостолите вели, дека не кажуваат празни зборови или нешто друго, туку ја кажуваат вистината која ја виделе со своите очи. Всушност, прецизира за она што навистина се случило. Исус „прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас на величествената слава: »Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојето благоволение«. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора.“
Очигледно, најдлабокиот знак кој оставил впечаток во животот на Петар и на другите апостоли е Преобразението. Но Петар не застанува повторно да го претстави тоа што видел и што слушнал, туку испраќа исто така топол апел за вреднување на Божјиот збор од Стариот Завет, фалејќи ја личноста на Месијата: „А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“. Јасна покана за да се направи во сопствениот живот простор за Христос, како светилка која свети во темнината на нашата егзистенција и го отвара срцето кон светлото на верата.
Оваа светлина која ја отсликува егзистенцијалната карактеристика што се однесува за Синот Божји, во една лична визија, пророкот Даниел вели: „Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред Него. И Нему му даде власт, слава и царство, за да му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши“, Така да Преобразението Исусово се споменува како свечен завршеток од литургиската година: Исус Цар на универзумот. Царството Христово е на Тавор, но пред сѐ на Голгота, на Крстот, најголемиот чин на Божјата бескрајна љубов за нас.
МОЛИТВА:
Боже, Ти кој во славното Преобразение на Господ Христос, си ги потврдил тајните на верата со сведоштвото на законот и пророците и на прекрасен начин си го навестил нашето дефинитивно посвојување како свои деца, дади ни да го слушаме зборот на твојот возљубен Син за да станеме сонаследици на неговиот бесмртен живот. Амин
о. Антонио Рунџи/З.А.