Преку Евангелието и проповедта Бог разговара со својот народ

Преку Евангелието и проповедта Бог разговара со својот народ

Дијалогот помеѓу Бог и неговиот народ, кој е развиен во Службата на Словото на светата Литургија, го достигнува својот врв во навестувањето на Евангелието – рече папата Фрањо во катехезата во текот на Генералната аудиенција, одржана во салата Павле VI, на 7 февруари 2018 година.

Папата продолжи со серијата катехези за светата Литургија. На Евангелието му претходи воскликот „алилуја“ – додаде – или во Великиот пост друг вослик со кој заедницата на верниците го прима и поздравува Господ Кој ќе зборувува во Евангелието. Како што Христовото таинство ја осветлува целата библиска објава, така во Службата на Словото, Евангелието е светлината за разбирањето на смислата на библиските текстови кои му претходат, дали од Стариот или од Новиот Завет. Во суштина, Христос е центарот и полнотата на целото Писмо, како и на целото литургиско славење.

Затоа самата Литургија го разграничува Евангелието од другите читања и му дава посебна чест и почит – рече Папата и напомена: Имено, неговото читање е резервирано за ракоположен служител, кој завршувајќи ја бакнува книгата; Евангелието се слуша стоејќи, се прави знакот на крстот на челото, усните и на градите; свеќите и кадењето му даваат чест на Христос Кој преку евангелското читање дава да одекнува неговото делотворно Слово. Преку тие знаци заедницата го препознава присуството Христово Кој ѝ ја упатува „Радосната вест“ која преобраќа и преобразува. Тука станува за директен говор, како што се потврдува со восклиците: „Слава Тебе Господи“ и „Слава Тебе Христе!“ Не стануваме за да го слушаме Евангелието!? Христос е Тој Кој преку Него ни зборува. Затоа да бидеме внимателни, затоа што тоа е директен разговор. Господ ни зборува.

На светата Литургија не го читаме Евангелието за да знаеме како се случиле настаните – предупреди Светиот Отец – туку го слушаме Евангелието за да станеме свесни дека тоа што Исус еднаш го направил и го кажал, дека тоа е живо Слово кое е во Евангелието, живот е и доаѓа во нашите срца. Затоа е толку важно слушањето на Евангелието со отворени срца, затоа што тоа е живо Слово. Свети Августин пишува дека Евангелието е Христовата уста. Тој владее на небото, но не престанува да зборува на земјата Ако е вистина дека во литургијата „Христос го навестува Евангелието“, од тоа следува дека со учествувањето на светата Литургија мораме да му дадеме одговор.

За да ја испрати својата порака, Христос исто така се користи со зборовите на свештеникот кој проповеда после Евангелието – рече папата Фрањо и истакна: Проповедта која ја препорачува Вториот ватикански собор како дел од истата Литургија, не е пригоден говор, ниту катехеза како ова што сега го правам, не е конференција, ниту поучување, проповедта е нешто друго. Таа е „продолжување на оној разговор кој веќе започнал помеѓу Господ и Неговиот народ“ за да најде исполнување во животот. Вистинското толкување на Евангелието е нашиот свет живот! Словото Господово го завршува својот пат овоплотувајќи се во нас, претворајќи се во дела како што се случило во Марија и во светците.

Запамтете го она што го кажав последниот пат, Словото Господово влегува во ушите, доаѓа во срцето и оди во рацете, во добрите дела. Проповедта исто така го следи Словото Божјо и го поминува тој пат за да ни помогне Словото Господово да ни дојде до рацете, поминувајќи преку срцето – рече Папата и потсети: Веќе го обработив прашањето за проповедта во апостолскиот поттик „Радоста на Евангелието“, во кое напишав дека литургискиот контекст бара проповедањето да ја насочи заедницата и проповедникот кон заедништвото со Христос во Евахаристијата кој го преобразува животот.

Кој проповеда – проповедник, свештеник, ѓакон или епископ – мора добро да ја изврши својата служба – рече Светиот Отец и нагласи: вистински служејќи им на сите кои учествуваат во светата Литургија, но и оние кои го слушаат мора да го дадат својот придонес. Пред сè давајќи длабоко внимание, попримајќи вистинско внатрешно расположение без субјективни барања, знаејќи дека секој проповедик има карактеристики и ограничувања. Понекогаш имаме причина за досада затоа што проповедта е долга или не е соодветна или е неразбирлива, а понекогаш предрасудите ни создаваат пречки. Кој проповеда мора да биде свесен дека не работи сопствена работа, туку проповеда давајќи му глас на Исус, го проповеда Словото Исусово.

Проповедта мора да биде добро подготвена, треба да биде кратка! – предупреди папата Фрањо и наведе пример на свештеник чиј татко бил среќен затоа што можел да оди на светата Литургија таму каде што немало проповеди. Колку пати сме виделе – продолжи Папата – како некои дремат за време на проповедта, други мрморат или изглегуваат надвор за да пушат цигара… Затоа ве молам проповедта да биде кратка, но да биде добро подготвена. Драги свештеници, ѓакони, епископи, проповедта се подготвува со молитва, проучувањето на Словото Божјо и со изработка на јасно и кратко резиме и не смее да биде подолга од 10 минути.

Можеме да кажеме дека во Службата на Словото, преку Евангелието и проповедта Бог разговара со својот народ, кој го слуша внимателно и со почит, а во исто време го препознава како Оној кој е присутен и делотворен. Ако, ја слушаме „Радосната вест“ – заклучи Светиот Отец – таа ќе нè преобрати и преобрази, за да можеме да се промениме себе и светот. Зошто? Затоа што Радосната вест, Божјото Слово влегува преку ушите, доаѓа во срцето и доаѓа во рацете за да прави добри дела.

После катехезата, Папата ги поздрави присутните епископи, претставниците на разни црковни и световни институции; младите особено ги повика да се стават на располагање за да бидат провидност за оние кои страдаат; болните секогаш да ја чувствуваат молитвената поддршка на Црквата; а младенците да го сакаат животот кој секогаш е свет, па и тогаш кога е обележан со слабост и болест.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот