Болницата „Bambino Gesù“, референтна точка за педијатриска нега за целиот свет, беше донирана на Ватикан пред 100 години, на 20 февруари.
Во 1869 година, војвотката и војводата Скипиони ја основале педијатриската болница „Bambino Gesù“. Нивната куќа со 12 кревети во центарот на Рим стана првата болница во градот посветена за деца.
Потоа, на 20 февруари 1924 година, болницата била донирана на Светиот Престол, со што станала „Папска болница“ и референтна точка за грижата за болните деца во Рим и ширум светот.
Во тоа време, болницата веќе била преместена во древниот манастир „Сант Онофрио“ на ридот Џаниколо – каде што постои од 1887 година – и денес е на истото место. Новото преместување на болницата се очекува во 2030 година на местото каде порано била болницата „Форланини“.
Историја на болницата
Пред да биде донирана на Светиот Престол, 33.000 деца веќе биле хоспитализирани во „Bambino Gesù“. Болницата се соочила со бројни итни случаи во својата историја, вклучувајќи ги последиците од земјотресот во Авезано во 1915 година, кога биле примени 420 деца, од епидемијата на шпански грип за време на Првата светска војна во 1918 година, биле хоспитализирани 300 деца.
Центар на извонредноста
Првиот Папа што ја посетил болницата „Bambino Gesù“ бил Иван XXIII во 1958 година, а потоа го следеле и Павле VI, Иван Павле II, Бенедикт XVI и папата Фрањо, кој неколкупати ја посетил. „Bambino Gesù“ сега е најголемата педијатриска поликлиника и истражувачки центар во Европа и е поврзан со главните меѓународни центри од оваа област.
Папата Фрањо и „Bambino Gesù“
„Забележав дека ова е всушност повеќе од болница, ова е семејство“, рече папата Фрањо додека разговараше со децата и вработените во болницата „Bambino Gesù“ во 2017 година.
Папата Фрањо исто така е дел од тоа семејство. Ги посетува децата во болницата, кои пак му испраќале писма и цртежи.
Педијатриската болница не е позната како „Папска болница“ затоа што и припаѓа на Светиот Престол, туку затоа што љубовта и грижата што Светиот Отец ја поддржува и обезбедува за институцијата е јасна и видлива.
Ватикан њуз/к.мк