Прва Света Причест во црквата „Успение на Пресвета Богородица’’ во Нова Маала

Прва Света Причест во црквата „Успение на Пресвета Богородица’’ во Нова Маала

Во недела на 6 јуни во парохиската црква во Нова Маала 12 деца за прв пат примија Света Причест и со тоа го примија Исуса во нивните срца. За подготовка на децата се погрижи с. Лидија, преку часовите по веронаука кои се одржуваа во парохијата, согалсно можностите и мерките кои беа предвидени.

Светата Литургија ја предводеше парохот о. Спасо Ристов во сослужение на о. Марјан Ристов и о. Ѓорги Динов. На присутните, кои беа во голем број, парохот им упати пригодно слово, кое го пренесуваме.

Драги присутни, Христос воскресе!

Папата Грегориј VII во 1075 година (околу дваесетина години по расколот во Црквата) во длабока набожност, разговара со овоплотениот Син Божји: Исусе често пати те молев да ме земеш кај себе ако не сум корисен за Твојата  Црква. Опкружен сум со безброј маки и проблеми. Зошто не дозволи да го проживеам животот мирно и спокојно во својата ќелија? Зошто си ставил ланци на моите раце и ме постави на таква служба што никогаш не сум ја сакал и на која никогаш не можам да бидам достоен. И тогаш Папата си ги ставил рацете на лицето и се занел во мислите. Се сетил на своето безгрижно детство. Како се вртел околу татко му во работилницата, како скокал по улиците и ридвоите на своето родно место, како било на првото свето Причастие.

Да се потсетиме дека Црквата била ранета од поделбата во 1054 година, времињата биле многу тешки, а Папата наоѓа утеха во детските години.

Драги деца бидете мудри во животот и не плашете се од иднината зашто вие сте иднината. Исус сака да биде ваш патоказ и водител во животот. Денешната средба со Исус нека остави длабок впечаток и обидете се да бидете добри домаќини на драгиот гостин. Во животот ќе имате убави моменти, но може да се случи и по некој проблем, сететете се на вашето детство, сетете се на овие моменти кои никој не може да ви ги украде. Сетете се на Исусовото пријателство. Тој да ви биде ваша утеха и поткрепа. Сетете се и на еден друг ваш пријател и светец, Доменик Савио, да биде ваш придружник.

Драги родители, вие пак како папата Грегориј VII кој се молел, опкружени со проблеми – секој со своите – бидете достојни носители на родителскиот позив, каде ќе можете да се радувате со своите деца, бидејќи вистински ќе знаете да одговорите на денешните предизвици. Родителството не е исполнување на детските желби, туку воспитување и едуцирање со збор, со дело и со пример.

Драги присутни да се радуваме на денешниот ден, бидејќи тоа е многу повеќе од именден или роденден. Денес може да се каже дека е обнова на еноријата, со нови членови кои редовно ќе можат да исповедуваат и причестуваат со телото и крвта на нашиот Господ Исус Хрисос.

Драги чесни сестри овде присутни примете благодарност од сите деца вие кои со вашиот посветен живот сведочите и го навестувата Исуса во секојдневниот живот.

Драги свештеници спомнувајте ги овие мали души во вашите секојдневни молитви. Господ да ги бодри во животот.

На крајот од проповедта о. Спасо Ристов се заблагодар на на Бога за денешниот ден што не собра во оваа наша црква која е преубаво украсена; за сите дарователи. Благодарност упати и до мајките кои учествуваа при чистењето, на сестрите при украсувањето.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот