Во недела 06 јуни 2021 година, во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје 13 деца од парохијата прв пат го примија Исуса во светото Причстие. Светата Понтификална Литургија ја предводеше Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх во сослужение со катедралниот парох и декан дон Паво Шекерија. На светата Литургија присуствуваа родителите на децата, роднините и голем број верници. Пееше Катедралниот хор под диригенство на маестро Јулија и органистот Кристијан. На почетокот сите присутни ги поздрави катедралниот парох дон Паво Шекерија, а на крајот изрази благодарност и упати честитки до првопричесниците.
Неговото преосвештенство монс. Стојанов во својата проповед меѓу другото истакна: Драги првопричесници, денот на вашето прво свето Причастие е ден на радоста и очекувањето: кога Исус под видот на леб и вино за првпат доаѓа во вашите чисти, невини детски срца. „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв останува во Мене и Јас во него“ (Ив 6,54). Затоа радувајте се и благодарете на Бога за овој среќен ден.
Овој ден, драги деца, на вашето прво свето Причастие е ден на радоста и за вашите драги родители. Кој татко и мајка нема да се радува на среќата на своето дете, кога го прима Исус и станува едно со Исус! Овој ден, драги родители, воедно за вас е и награда за сета ваша грижа околу вашето дете, за сиот ваш труд и подготовки околу своето дете.
Вашите родители, но и сите ние, посакуваме да останете такви какви што сте денес, секогаш да останете чисти срца, полни со љубов кон Исус и верни на Исус Христос до последната воздишка на вашиот живот.
Нека од денес натаму витлеемските јасли не бидат повеќе Негово живеалиште, туку вашите срца! Примете го со побожни срца и полни со љубов.
Со овие зборови сите вас ве храбрам во Божјиот Дух. Само така ќе го победиме и надминиме злото. Само на тој начин ќе бидат видни промените, зашто само на тој начин се вреднува човекот според Божјиот Дух и Божјата светлина. Во тој Дух нека ви биде среќен и благословен овој ден, на вас драги првопричесници, на вас драги родители и на целата наша парохиска заедница, рече бискупот Стојанов
Ватикан њуз/к.м