Во Скопската катедрала е прославен празникот Телово

Во Скопската катедрала е прославен празникот Телово

Епископот Стојанов на празникот Пресвета Евхаристија – Телово, четврток 19 јуни 2025 година, служеше света Литургија во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во сослужение со парохискиот викар о. Томислав Рукавина и канцеларот протоереј-ставрофор о. Марјан Ристов.

Во својата проповед бискупот Стојанов меѓу другото истакна: Евхаристиската трпеза и Исусовата заповед „Правете го ова во мој спомен!“ ги собра првите христијани да ја прослават новата Пасха и ги поврза во заедници. Овие први заедници се опишани од Свети Лука во Делата на апостолите на следниов начин: „Тие се посветија на учењето и дружењето на апостолите, на кршењето леб и на молитвите“.

Можеби денес црпиме премалку од секојдневното славење на Евхаристијата. Тоа е затоа што сме уморни, сиромашни и со затворени срца. Не смееме да заборавиме дека Евхаристијата е извор на милост и љубов. Какво е моето учество во Евхаристијата?

Покрај фактот дека Евхаристијата нè храни за вечен живот, таа нè поврзува со Христос и нè посветува на Христос. „Кој го јаде моето тело и ја пие мојата крв, останува во мене и јас во него.“ Врската е јасна: Јадењето на Христос значи престојување во него. Јадењето на Христос значи дека тој престојува во мене. Да се биде во Бога и да се биде Божјо живеалиште е највисокото нешто што човекот може да го постигне. Бог станува ефикасен преку мене и јас го носам неговиот живот во себе. Не сме доволно свесни за ова и затоа Евхаристијата не дејствува преку нас со силата што ја има.

Исус се посветил себеси на Отецот и живее преку него, така и оној што го јаде Христос се посветил себеси на него и живее преку него. Евхаристијата не повикува да живеме според Христос и не води по Неговиот пат и Неговата љубов, истакна бискупот Стојанов.

Предвидената процесија со Светата Олтарска Тајна која секоја година се одржуваше околу катедралата оваа година поради невремето и поројниот дожд се одржа во катедрала..

За време на светата Литургија пееше Катедралниот хор под диригенство на Јулија Неловска.

При оваа пригода епископот Стојанов упати честитка до Сестрите Евхаристинки по повод нивниот патронен празник Пресвета Евхаристија – Телово, а воедно изрази и голема благодарност за нивнато неизмерно и несебично жртвување и служење во парохиите, Македонски Каритас, Пасторалниот центар, Бискупската резиденција, со еден збор за сиот Божји народ во Македонија, без разлика на верската и етничка припадност.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот