Претседателот на Каритас Интернационалис изрази болка и тага поради смртта на двајца вработени во Каритас Украина и пет члена на нивните семејства и повторно упати силен апел да се стави крај на војната.
Веста го запрепасти и шокираше Каритас семејството. Се соединуваме во болката и солидарноста со страдањата на семејството и нашите колеги од Каритас Украина погодени од оваа трагедија – изјави генералниот секретар на Каритас Интернационалис, Алојсиус Џон, кој изрази сочувство за смртта на двајцата соработници на Каритас Украина во Мариупол. Според локални извори на Каритас, на 15 март руски тенк пукал во центарот на Каритас во Мариупол, при што загинале двајца соработници и пет членови на нивните семејства кои се засолниле во зградата.
Потребна ни е вашата солидарност и вашите молитви за семејствата на жртвите – рече претседателката на Каритас Украина Тетијана Стауничи. Кардиналот Луис Антонио Тагле, претседател на Каритас Интернационалис во интервју за ватиканските медиуми ја истакна вредноста на сведочењето на оние кои, ризикувајќи ги сопствените животи, му помагаат на украинскиот народ измачен од војната и повика на прекин на конфликтот.
Каритас Интернационалис изразува искрено сочувство и блискост до семејствата на загинатите и ранетите. Нашата тага се претвора во апел до меѓународната заедница да вложи максимални напори за да се стави крај на ова насилство, да се врати дијалогот и да се препознае брат и сестра во секој човек – рече кардиналот Тагле.
Обраќајќи им се на жените и на мажите кои го ризикуваат животот, кардиналот најпрво им се обрати со зборови на искрена благодарност. Правете свето дело! – истакна тој и додаде: Со секое несебично добро дело го сеете семето на вистината, правдата, љубовта и мирот кои ќе го променат светот. Бог ќе се погрижи вашите напори да не бидат залудни. Вашата посветеност ќе вроди со плод.
Запрашан како можеме да им оддадеме почит на жртвите на хуманитарните работници, кардиналот рече дека ги почитуваме со нашата молитва за нив и нивните семејства. Ние веруваме дека Бог ги слуша криците на сиромашните и праведните. Им оддаваме почит со реафирмирање на вредноста на служењето што ја даваат хуманитарните организации, кое треба да се почитува. Им оддаваме почит молејќи му се на Бога и повикувајќи ги луѓето со добра волја да размислуваат и да работат за мир – рече претседателот на Каритас Интернационалис.
Ватикан њуз/к.мк