Потребна ни е хумана екологија, со човекот во центарот

Потребна ни е хумана екологија, со човекот во центарот

Папата Фрањо испрати видео-порака до учесниците на меѓународниот симпозиум за енцикликата „Laudato Si’“ на тема „Грижата за заедничкиот дом, неопходно свртување кон хуманата екологија.“

Спомнатиот настан оваа недела се одржува во Костарика, а го организира Католичкиот унивезитет Костарика и фондацијата Јозеф Рацингер. Папата во својата порака вели дека проблемите со уништувањето на природната животна средина се сѐ посериозни, а последиците врз животите на луѓето се сѐ подраматични. За да се соочиме со нив, потребно е да имаме поширок поглед на причините, природата на кризата и нејзините разни аспекти.

Светиот Отец истакна дека не може да се негира овој светски проблем, додавајќи дека без вистинско преобраќање на нашите ставови и секојдневното однесување, техничките решенија нема да го спасат нашиот заеднички дом. Цитирајќи го својот претходник почесниот папа Бенедикт XVI, папата Фрањо рече дека е потребна „човечка екологија“ која во центарот го става целосниот развој на човековата личност, и повикува да се преземе одговорност за општото добро, да се почитува и добро да се управува со созданијата кои Бог ни ги доверил.

Папата исто така изразува надеж дека симпозиумот ќе даде силен поттик за соработка на католичките универзитети, посебно во Латинска Америка и на Карибите, за да се проучуваат проблемите и можните решенија, а и да дадат конкретни предлози, како кај поединците, така и во политичките, општествените и црковните заедници и семејствата се вдахне поголема одговорност во грижата за нашиот заеднички дом.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот