Посмртните останки на папата Фрањо се пренесени во базиликата Свети Петар

Посмртните останки на папата Фрањо се пренесени во базиликата Свети Петар

Посмртните останки на папата Фрањо се пренесени од Домот Света Марта во базиликата Свети Петар, каде што неговото тело ќе биде изложено, така што верниците можат да му оддадат почит до неговиот погреб во сабота.

Обредот на пренесување на телото на папата Фрањо се одржа во Ватикан во средата наутро, 23 април 2025 година, предводен од Кардиналскиот колегиум, кои се собра во Рим по неговата смрт.

Кардиналот Кевин Фарел, Камерленго на Светата Римска Црква, го започна литургискиот обред во капелата на Домот Света Марта со кратка молитва за душата на папата Фрањо.

Во воведната молитва, кардиналот Фарел му се заблагодари на Бога за 12-годишната служба на покојниот Папа.

„Додека сега го напуштаме овој дом, да му благодариме на Господа за безбројните дарови што ги подари на христијанскиот народ преку својот слуга, папата Фрањо“, рече во молитвата. „Да Го молиме, преку Неговата милост и добрина, да му подари на покојниот Папа вечен дом во небесното царство и со небесна надеж да ги утеши папското семејство, Црквата во Рим и верниците ширум светот.

Кардиналскиот колегиум потоа ја предводеше процесијата со ковчегот низ ватиканскиот плоштад Света Марта, покрај камбанаријата до плоштадот Свети Петар.

Над 20.000 луѓе се собраа на плоштадот за да му оддадат почит на починатиот Папа, се слушаше придушен, но постојан аплауз додека неговиот ковчег беше носен низ плоштадот во базиликата Свети Петар.

Ковчегот на покојниот Папа е поставен пред олтарот на Исповедта, а хорот на латински пееше Литанија до светите за упокојување на неговата душа.

Кардиналот Фарел потоа предводеше кратка Служба на Словото, која вклучуваше читање од Евангелието по Иван (17,24-26) за Исусовата големо-свештеничка молитва која ја објавува љубовта Божја кон Него и кон Неговите ученици.

Обредот заврши со пеење на „Salve Regina“, маријанска химна која започнува со: „Здраво, света царице, Мајко на милосрдието“.

Членовите на Кардиналскиот колегиум потоа му оддадоа почит на починатиот Папа Фрањо, а потоа и верниците собрани во базиликата Свети Петар.

Базиликата ќе биде отворена во среда до полноќ, во четврток од 7.00 часот наутро до полноќ, а во петок од 7.00 до 19.00 часот.

Задушната света Литургија за папата Фрањо ќе се служи на плоштадот Свети Петар во сабота, 26 април, во 10.00 часот, која ќе ја предводи кардиналот Џовани Батиста Ре, декан на Кардиналскиот колегиум.

На него ќе му се придружат патријарси, кардинали, надбискупи, бискупи, свештеници, членови на монашки заедници и верници од целиот свет за да се простат од папата Фрањо.

На крајот од светата Литургија во сабота, телото на починатиот Папа ќе биде однесено во базиликата Свети Петар, а потоа во базиликата Света Марија Велика каде ќе биде погребан.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот