Последните часови на Папата и „благодарам“ што ме однесовте на Плоштадот

Последните часови на Папата и „благодарам“ што ме однесовте на Плоштадот

Меѓу последните зборови на папата Фрањо беше неговата благодарност до неговиот личен медицински асистент, Масимилијано Страпети, кој го охрабри да ја направи својата последна обиколка на плоштадот Свети Петар во папамобилот во недела, по благословот Urbi et orbi: „Ви благодарам што ме однесовте на плоштадот“.

„Ви благодарам што ме однесовте на плоштадот“ – меѓу последните зборови на папата Фрањо беше благодарност до оној кој неуморно се грижеше за време на неговата болест, но и долго пред тоа – Масимилијано Страпети, медицински техничар кој – како што еднаш рече – му го спаси животот сугерирајќи му операција на дебелото црево и кого Папата потоа го назначи како негов личен медицински асистент. Со него беше во текот на неговите 38 дена хоспитализација во поликлиниката Гемели и 24 часа дневно за време на неговото закрепнување во домот Света Марта. Страпети беше со Папата и во неделата на Велигден, за време на благословот Урби и Орби – до градот и светот. Претходниот ден отидоа во базиликата Свети Петар за да ја разгледаат „маршрутата“ по која ќе треба да поминат следниот ден кога папата Фрањо ќе се појави во ложата за благослов.

Прегратка до насобраниот народ

И по тој момент, во неделата наутро, на балконот во центарот на ложата на Ватиканската базилика, кога првичните 35.000 верници веќе станаа 50.000, Папата сакаше да го направи последното, значајно изненадување со тоа што ќе отиде на плоштадот Свети Петар за да го обиколи со папамобилот. Не без малку страв на почетокот. „Дали мислиш дека можам да го направам тоа? го праша Страпети, кој го убеди. Така ја прегрна насобраната толпа, особено децата. Тоа беше прва посета по неговото отпуштање од поликлиниката „Гемели“ и последна во неговиот живот.

Уморен, но среќен, Папата му се заблагодари на својот личен медицински асистент: „Ви благодарам што ме однесовте на плоштадот“. Ова се зборови кои ја покажуваат потребата аргентинскиот Папа да се врати кај народот – за кој директниот човечки контакт беше белег на неговиот понтификат.

Последните часови

Папата Фрањо потоа се одмори во текот на попладневните часови и имаше мирна вечера. Утрото околу 5.30 часот се појавиле првите знаци на слабост и брза интервенција на оние кои биле со него. Повеќе од еден час подоцна, откако му мавташе на Страпети, лежејќи на креветот во неговиот стан на вториот кат од Домот Света Марта, Папата падна во кома. Не страдаше, сé се случи брзо – велат оние кои беа со него во тие последни моменти.

Дискретна, речиси ненадејна смрт, без долго чекање и преголема врева за Папата, кој секогаш бил резервиран кога се работи за неговото здравје. Упокојување кое се случи ден по Велигден, ден откако ги благослови градот и светот, ден откако повторно го прегрна народот, по долго време. Народ на кој му вети „заедничко“ патување од првите моменти на неговиот избор, на 13 март 2013 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот