Апостолското патување на папата Лав XIV во Франција, од 25 до 28 септември, ќе вклучува средби со државните власти, младите и претставниците на Црквата, посета на седиштето на УНЕСКО во Париз, како и средба во Мец посветена на Европа, мирот и единството.
Од 25 до 28 септември 2026 година, папата Лав XIV ќе ја посети Франција, на своето петто меѓународно апостолско патување од почетокот на понтификатот.
За време на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата за печат на Светиот Престол во петокот, 18 септември 2026 година, директорот Матео Бруни ја претстави програмата на патувањето во Париз, Лурд и североисточниот град Мец.
Франција ќе биде деветтата земја што ќе ја посети папата Лав XIV, односно десеттата ако се смета и пасторалната посета на Сан Марино во август 2026 година.
Патувањето ќе вклучува средби со државните власти и претставници на јавниот живот, со млади луѓе и локалното свештенство, посети на добротворни иницијативи, како и посета на седиштето на УНЕСКО.
Сите обраќања, проповеди и изјави на Папата ќе бидат на француски јазик, освен говорот во УНЕСКО, кој ќе биде делумно на француски, а делумно на англиски, и говорот на средбата „До корените на Европа за мир и единство“ во Мец, кој ќе биде целосно на англиски јазик.
Во рамките на четиридневното патување Папата ќе ги посети Париз, Сен Дени, Лурд и Мец.
Средба со француската култура, историја, вера и општество
Матео Бруни се осврна на некои од главните теми што се очекува да го одбележат патувањето.
Папата, рече тој, ќе се сретне со француското општество, „со неговиот народ, неговата култура и неговата историја“, но и со неговата „вера“ и со Црквата која во голема мера е посветена „на најкревките синови и ќерки на земјата, на најсиромашните“.
Бруни ја опиша Франција како земја која си поставува важни прашања за општеството, човекот и животот, како и за односот со науката, технолошкиот напредок и вештачката интелигенција.
Тој истакна и дека Франција е земја отворена за светот, па затоа „може да се очекуваат осврти и на конфликтните ситуации“ во меѓународната заедница.
Директорот на Канцеларијата за печат го нагласи и значењето на Католичката црква во француското општество и нејзините напори да одговори на современите предизвици.
Посебно го истакна богатството и историјата на Црквата во Франција, која во последните години бележи раст на бројот на крштевки. На Велигден 2026 година биле крстени околу 13.000 возрасни лица.
УНЕСКО, културата и образованието
Бруни објасни дека УНЕСКО е место каде што „човештвото размислува за себе, за својата историја и за својата иднина“.
Во тој контекст, значајно место ќе имаат уметноста и образованието како средства за градење мир.
Животната средина исто така ќе биде важна тема, бидејќи е тесно поврзана со културата и со начинот на кој човекот го разбира светот во кој живее.
Светиот Престол и УНЕСКО во 2027 година ќе одбележат и 75 години дипломатски односи.
Европа, мирот и единството во Мец
Последната етапа од патувањето ќе биде Мец, град во близина на француската граница.
Според Бруни, таму во центарот на вниманието ќе бидат Европа, нејзиното минато и нејзината иднина.
Единството, различноста, мирот и отвореноста за другите култури ќе бидат меѓу главните теми на оваа завршна етапа од апостолското патување.
Папската делегација
Во папската делегација ќе бидат кардиналот Хозе Толентино де Мендонса, префект на Дикастеријата за култура и образование; кардиналот Доминик Мамберти, префект на Врховниот трибунал на Апостолската сигнатура; кардиналот Џорџ Кувакад, префект на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог; и надбискупот Филипо Јаноне, префект на Дикастеријата за епископи.
Кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол, нема да може да учествува во патувањето бидејќи во тој период ќе престојува во Њујорк по повод Генералното собрание на Обединетите нации.
Претходните папски патувања во Франција
Со ова патување папата Лав XIV ќе тргне по стапките на своите претходници.
Папата Фрањо ги посети Стразбур во 2014 година, Марсеј во 2023 година и Корзика во 2024 година по повод одделни настани, но никогаш не оствари официјална државна посета на Франција.
Папата Бенедикт XVI ја посети Франција во 2008 година, по повод 150-годишнината од објавата на Пресвета Богородица во Лурд.
Свети папа Иван Павле II ја посети Франција осум пати, вклучително и патувањето на прекуокеанската територија Реинион во Индискиот Океан во 1989 година.
Иван Павле II е и единствениот друг папа што досега го посетил седиштето на УНЕСКО, каде што одржа говор во 1980 година.
Ватикан њуз/к.мк

