28 јули 2024 година
„Не отфрлај ме во староста“ (сп. Псалм 70,9).
Драги браќа и сестри!
Телесната сила слабее, кога косата побелува, а општествената улога се намалува, кога животот станува помалку продуктивен и се заканува да изгледа бескорисен. Тој не гледа однадвор (сп. 1. Царства 16,7) и не се колеба да ги избере оние што на многумина им изгледаат безначајни. Тој не фрла ниту еден камен; напротив, „постариот“ камен е сигурна основа на која може да се постави „новиот“ за заедно да создатат духовна куќа (сп. 1 Петар 2,5).
Целото Свето Писмо е приказна за верната љубов Господова, од која произлегува утешна сигурност: Бог продолжува да ни го покажува Своето милосрдие, секогаш, во секое време од животот и во секоја ситуација во која се наоѓаме, дури и во нашите предавства. Псалмите се полни со восхит на човечкото срце пред Бога, кој се грижи за нас и покрај нашата маленост (сп. Псалм 143, 3-4); нè уверуваат дека Бог го создал секој од нас уште во мајчината утроба (сп. Псалм 138, 13) и дека нема да го напушти нашиот живот ниту во подземјето (сп. Псалм 15, 10). Затоа, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе ни биде близок и во староста, особено затоа што во Библијата стареењето е знак на благослов.
Меѓутоа, во Псалmите го наоѓаме и овој жесток апел до Господа: „Не отфрлај ме на старост“ (Псалм 70, 9). Ова се силни, па дури и многу остри зборови. Нè потсетуваат на најголемото страдање на Исус, кој извика на крстот: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави“ (Матеј 27,46).
Во Библијата ја наоѓаме сигурноста на Божјата близина во секое доба од животот и, истовремено, стравот од напуштање, особено во староста и во моментите на страдање. Не се работи за противречност. Ако погледнеме наоколу, лесно можеме да видиме дека ваквите изјави отсликуваат повеќе од очигледна реалност. Осаменоста е премногу често горчлив придружник во животот на нас постарите луѓе и бабите и дедовците. Многупати, кога бев бискуп на Буенос Аирес, ги посетував домовите за стари лица и забележав како овие луѓе ретко ги посетуваат: некои не ги виделе своите најблиски со месеци.
Има многу причини за оваа осаменост: во многу земји, особено во најсиромашните, постарите се сами затоа што нивните деца се принудени да емигрираат. Мислам и на многу кризни подрачја: колку постари луѓе се оставени сами да се снаоѓаат затоа што мажите – помлади и постари – треба да земат оружје, а жените, особено мајките со мали деца, ја напуштаат земјата за да им обезбедат сигурност на децата. Во градовите и селата разурнати од војна, многу постари луѓе паѓаат во осаменост, единствениот знак на живот во областите во кои како да владее напуштање и смрт. Во други делови на светот, и во некои локални култури, длабоко е вкоренето недоразбирање кое раѓа непријателство кон постарите луѓе. Тие се сомничаат дека користат магии за да ја исцрпат животната сила на младите, па во случај на прерана смрт, болест или зла судбина на млад човек, вината паѓа на постарата личност. Против овој менталитет треба да се бориме и да се искорени. Тоа е една од неоснованите предрасуди од кои нè ослободи христијанската вера, а која го разгорува постојаниот генерациски конфликт меѓу младите и старите.
Ако размислиме малку повеќе, денес насекаде може да се слушне ова обвинување кон постарите дека ја „крадат иднината од младите“. Се среќава, во различни форми, дури и во најмодерните и најнапредните општества. Веќе, на пример, е распространето мислењето дека постарите ги оптоваруваат младите со трошоците за грижата што им е потребна, со што ги ускратуваат средствата за развој на земјата, а со тоа и младите. Тоа е искривена перцепција на реалноста. Како опстанокот на постарите да го загрозува опстанокот на младите. Како за да се промовираат младите, постарите треба да се игнорираат, па дури и да се елиминираат. Спротивставувањето меѓу генерациите е чиста измама и отровен плод на културата на конфликти. Свртувањето на младите против старите е неприфатлива манипулација: „во игра е единството на животните доби: тоа е вистинската упоришна точка за разбирање и вреднување на човечкиот живот како целина“ (Катехеза, 23 февруари 2022 година).
Погоре цитираниот Псалм – каде што се молиме да не бидеме напуштени во староста – зборува за заговор насочен против животот на постарите. Овие зборови изгледаат претерани, но разбирливи се кога ќе се земе предвид дека осаменоста и напуштањето на постарите луѓе не е ниту случајна, ниту неизбежна, туку резултат на одлуки – политички, економски, социјални и лични – кои не го препознаваат бескрајното достоинство на секој човек „без разлика во каква состојба или ситуација се наоѓа лицето“ (Декларација Dignitas infinita,1). Ова се случува кога вредноста на секој поединец се губи и кога на луѓето се гледа само како трошок кој во некои случаи е превисок за да се плати. Уште полошо е што и самите постари честопати подлегнуваат на овој менталитет и се доживуваат себеси како товар и сакаат да бидат турнати настрана.
Од друга страна, денес има многу жени и мажи кои своето лично остварување во животот го бараат што е можно поавтономно и понезависно од другите. Заедничката припадност е во криза, а индивидуалноста станува се посилна. Преминот од „ние“ во „јас“ изгледа дека е еден од најјасните знаци на нашето време. Семејството, кое е првото и најрадикално побивање на идејата дека можеме сами да се спасиме, е една од жртвите на таа индивидуалистичка култура. Но, како што старееме и нашата сила нè напушта, опседнатоста со индивидуализмот, илузијата дека никој не ни треба и дека можеме да живееме без врски, се покажуваат онакви какви што навистина се; ти треба туѓа помош во се, но сега си сам, без помош, без никого на кој можеш да се потпреш. Тоа е тажно откритие до кое многумина доаѓаат кога веќе е предоцна.
Осаменоста и отфрлањето денес се вообичаени појави во нашиот свет. Нивните причини се многубројни: во некои случаи, тие се резултат на планирано исклучување, еден вид жален „општествен заговор“. Во други случаи, за жал, тоа е лична одлука. Во други случаи, пак, постарите луѓе се покоруваат, преправајќи се дека тоа е самостојна одлука. Сè повеќе „го изгубивме задоволството и вкусот на реалноста“ (енциклика, Fratelli tutti,33) и ни е тешко да замислиме нешто друго.
Кај многу постари луѓе можеме да го забележиме она чувство на резигнација за кое се зборува во Книгата Рут во делот каде што се раскажува за старицата Ноемина, која по смртта на сопругот и децата ги охрабрува своите две снаи, Орфа и Рут, да се вратат во својата татковина и во својот дом (сп. Рут 1, 8). Ноемина, исто како и многу постари луѓе денес, се плаши да остане сама, но ништо друго не може да замисли. Како вдовица, свесна е дека нема многу вредност во очите на општеството и убедена е дека е товар за две млади жени кои за разлика од неа го имаат целиот живот пред себе. Затоа мисли дека е подобро да се тргне настрана и самата ги повикува своите млади снаи да ја напуштат и да си изградат иднина на друго место (сп. Рут 1,11-13). Нејзините зборови се резиме на општествените и верски конвенции кои изгледаат непроменливи и кои ја одредуваат нејзината судбина.
Оваа библиска приказна овде ни претставува две различни можности во врска со повикот на Ноемина и, според тоа, во средбата со староста. Една од двете снаи, Орфа, која исто така ја сака Ноемина, се прости, но го прифаќа она што и се чини како единственото можно решение и си оди по својот пат. Рут, од друга страна, не се одвојува од Ноемина и ѝ се обраќа на нејзините ненадејни зборови: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе“ (Рут 1,16). Не се плаши да им пркоси на обичаите и општото мислење, чувствува дека и е потребна на оваа старица и храбро останува со неа на она што ќе биде почеток на новото патување за двајцата. Рут нè учи сите нас – навикнати на идејата дека осаменоста е неизбежна судбина – дека на молбата: „не ме оставај“ може да се одговори со: „Нема да те оставам!“ навидум непроменливо: живеењето сам не мора да биде единствената алтернатива! Не случајно Рут – таа што останува блиска со старицата Ноемина – е предок на Месијата (сп. Матеј 1,5), Исус, Емануел, „Бог со нас“, Божјата близина и присуство со сите луѓе без разлика на нивната состојба и возраст.
Слободата и храброста на Рут нè повикуваат да одиме по нов пат: да ги следиме нејзините стапки, да одиме на патување со таа млада странкиња и старицата Ноемина, да не се плашиме да ги промениме нашите навики и да замислиме поинаква иднина за нашите постари. Им благодариме на сите оние кои и со многубројни жртви и откажувања го следат примерот на Рут и се грижат за постара личност или едноставно ја покажувааТ својата близина со роднини или познаници кои веќе немаат никого. Рут реши да остане со Наомина и доби благослов: среќен брак, потомство, земја. Тоа важи секогаш и за секого: ако останеме со постарите и ја препознаеме нивната незаменлива улога во семејството, општеството и Црквата, и ние ќе добиеме многу дарови, многу благодати и многу благослови!
На овој 4. Светски ден посветен на нив, да не пропуштиме да покажеме нежност кон бабите и дедовците и постарите луѓе во нашите семејства, да ги посетиме оние кои паднале во духот и да не се надеваме повеќе дека е можна поинаква иднина. На себичниот став што води до отфрлање и осаменост да се спротивставиме со отвореното срце и радосното лице, оној што има храброст да каже: „Нема да те оставам“ и да избере поинаков пат.
Мојот благослов, пропратен со молитви, нека допре до сите вас, драги баби и дедовци и постари лица и оние кои се ваши блиски. Ве молам, не заборавајте да се молите за мене.
Рим, Свети Иван Латерански, 25 април 2024 година.
ФРАЊО