Порака на Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2024 година

Порака на Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2024 година

Ви ја пренесуваме во целост Порака на папата Фрањо за Великиот пост, која оваа година за тема го носи насловот „Преку пустината Бог нè води до слобода

Преку пустината Бог нѐ води до слобода

Драги браќа и сестри!

Кога нашиот Бог се објавува, секогаш пренесува порака за слобода: „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството“ (Исход 20,2). Така започнува Декалогот, кој му беше даден на Мојсеј на гората Синај. Народот многу добро знае за кое изведување зборува Бог: искуството на ропството сè уште е свежо во сеќавањето. Тох ги прима десетте зборови во пустината како пат до слободата. Ние ги нарекуваме „заповеди“, нагласувајќи ја силата на љубовта со која Бог го воспитува својот народ. Овој повик за слобода е навистина силен. Не се исцрпува во еден настан, затоа што созрева на еден пат. Како што Израел во пустината сè уште го носи Египет во себе – често жалејќи се за минатото и мрморејќи против Господ и Мојсеј – така и Божјиот народ денес носи во себе угнетувачки јарем што мора да го остави зад себе. Ги забележуваме во моментите кога се чувствуваме безнадежно, кога бесцелно лутаме во животот како во пустина, без ветена земја кон која заедно би се стремиле. Великиот пост е време на благодат во кое пустината може повторно да стане – според зборовите на пророкот Осија – место на нашата прва љубов (сп. Осија 2, 16-17). Бог го воспитува својот народ да излезе од своето ропство и да го доживее преминот од смрт во живот. Како некој свршеник, одново нè привлекува кон себе и во нашите срца ни шепоти зборови на љубов.

Излегувањето од ропство во слобода не е некое апстрактно патување. За да биде нашиот пост конкретен, првиот чекор е да сакаме да ја видиме реалноста. Кога Господ го привлече Мојсеј до капината што не изгорува и му проговори, веднаш се објави како Бог кој гледа и, пред сè, слуша: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од злото, што му го прават надзорниците. Сега ја знам маката негова. Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко“ ( Излез 3,7-8). И денес, плачот на многу наши угнетени браќа и сестри се воздигнува до небо. Да се запрашаме: Дали допира и до нас? Дали нè потресува? Дали нè трогнува? Многу работи нè делат и одвојуваат едни од други, негирајќи ги братските врски кои отсекогаш не поврзуваат.

На моето патување во Лампедуза, се соочив со глобализација на рамнодушност и поставив две прашања кои стануваат сè поактуелни: „Каде си?“ (Битие 3,9) и „Каде е братот твој?“ (Битие 4,9). Овој пат во постот ќе биде конкретен доколку, повторно слушајќи ги овие прашања, признаеме дека сè уште сме под власта на фараонот. Таа власт нѐ прави исцрпени и бесчувствителни. Тоа е модел за раст кој нѐ дели и ни ја одзема иднината. Ја загадува земјата, воздухот и водата, но ги загадува и душите. Иако нашето ослободување започна со крштението, во нас останува необјаснив копнежот за ропство, како своевидна привлечност за сигурност во познатите работи, на сметка на слободата.

Сакам да ви укажам на еден многу важен детал во тој извештај од книгата Исход: Бог е оној кој гледа, кој е трогнат и кој ослободува; Не е Израелот тој кој тоа го бара. Фараонот, исто така, ги гаси и соништата, го краде небото, па изгледа дека светот во кој се гази достоинството и се негираат автентичните врски е непроменлив. Односно, успева да ги врзе луѓето за себе. Да се запрашаме: Дали сакам нов свет? Дали сум подготвен да раскинам со старите компромиси? Сведоштвата на многу браќа епископи и голем број на оние кои работат за мир и правда сè повеќе ме убедуваат дека она на што треба да се укаже е недостаток на надеж. Тоа е пречка за соништата, нем крик што допира до небото и го допира Божјото срце. Наликува на оној копнеж за ропство, кој го парализира Израелот во пустината и го кочи на неговиот пат. Излезот може да се прекине: не постои друг начин да се објасни како тоа човештвото, кое е на чекор до сеопшто братство и кое достигна ниво на научен, технолошки, културен и правен развој и способно да го гарантира достоинство на сите, тапка во мракот на нееднаквост и конфликти.

Господ не е уморен од нас. Да го прифатиме Великиот пост како силно време во кое повторно ни доаѓа неговото Слово: „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството“ (Исход 20,2). Ова е време на преобраќање, време на слобода. Самиот Исус, како што се потсетуваме секоја година во Првата недела од Великиот пост, Духот го одведе во пустината за да ја стави на искушение неговата слобода. Четириесет дена ќе биде пред нас и со нас: Тој е воплотениот Син. За разлика од фараонот, Бог не сака поданици, туку синови и ќерки. Пустината е простор каде нашата слобода може да созрее во лична одлука да не паднеме повторно во ропство. Во Великиот пост наоѓаме нови критериуми за расудување и заедница со која можеме да тргнеме на пат, на кој никогаш претходно не сме биле.

Тоа вклучува борба: Книгата Исход и Исусовите искушенија во пустината јасно ни зборуваат за тоа. Гласот на Бога, кој вели: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Марко 1,11) и „Немој да имаш други богови освен Мене!“ (Исход 20,3), се спротивставуваат на лагите на непријателот. Повеќе треба да се плашиме од идолите отколку од фараонот: можеме да ги сметаме за некаков негов глас во нас. Да се биде семоќен, да се биде признат од сите, да се биде пред сите: секој човек ја чувствува заводливоста на оваа лага. Тоа е добро познат пат. Така можеме да се наврземе на пари, за одредени проекти, идеи, цели, за нашата позиција, традиција, па дури и за одредени луѓе. Наместо да не придвижат, ќе не парализираат. Наместо да не соберат на едно, ќе не свртат еден против друг. Постои, меѓутоа, ново човештво, народ од мали и скромни, кои не подлегнаа на шармот на таа лага. Додека оние кои им служат на идолите ги прават неми, слепи, глуви и неподвижни (сп. Псалм 113,12-15), сиромашните по дух ги краси будна подготвеност и отвореност: тие се тивка сила на добро што го чува и одржува светот.

Време е за делување, а во Великиот пост да се делува значи и да се застане. Да се застане во молитва за да се прими Божјото Слово и да се застане како Самарјанинот пред својот ранет брат. Љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот се една иста љубов. Да немаш други богови значи да останеш во Божјото присуство, да застанеш со својот ближен од крв и месо. Затоа молитвата, милостината и постот не се три независни дејства, туку едно единствено движење на отвореност и самооткажување во кое ќе ги отфрлиме идолите што нè оптоваруваат и наврзаностите што не попречуваат и не држат заробени. Тогаш ќе се разбуди исушеното и осамено срце. Затоа, треба да забавиме и да застанеме. Контемплативната димензија на животот, која Великиот пост ни дозволува повторно да ја откриеме, ќе ослободи нови сили. Во Божјата присутност стануваме браќа и сестри, почувствителни кон другите: наместо закани и непријатели, откриваме сопатници и сопатнички. Тоа е Божјиот сон, ветената земја кон која се стремиме кога ќе излеземе од ропството.

Синодалниот облик на Црквата, кој повторно го откриваме и негуваме овие години, нѐ упатува на фактот дека Великиот пост воедно е и време на заеднички одлуки, мали и големи избори кои се спротивставуваат на преовладувачките трендови, кои можат да го променат секојдневниот живот и животот на луѓето во одредена средина: навики за купување, грижа за создадениот свет, вклучувајќи ги и оние кои се невидливи или презрени во општеството. Ги повикувам сите христијански заедници да го направат ова: да им понудат на своите верници моменти во кои ќе размислуваат за нивниот начин на живот, да одвојат време за да го преиспитаат нивното присуство на сопствената територија и нивниот придонес за нејзино подобрување. Тешко нам ако христијанската покора е како онаа што го растажи Исус! Тој ни порачува: „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат.“ (Матеј 6,16). Наместо тоа, нека зрачи радост од лицето, нека се шири мирисот на слободата, нека се ослободи таква љубовта, која прави сè ново, почнувајќи од најмалиот и најблискиот. Ова може да се случи во секоја христијанска заедница.

До мерка во која овој пост ќе биде време на преобраќање, човештвото кое лута ќе почувствува допир на креативност: блесок на нова надеж. Сакам да ви го кажам истото она што им го кажав и на младите, со кои се сретнав во Лисабон минатото лето: „Барајте и ризикувајте, барајте и ризикувајте“. Во овој историски час предизвиците се огромни, лелеците болни. Ја живееме третата светска војна, која се води во делови. Да се осмелиме да гледаме на нашиот свет не како да е уморен, туку во процес на раѓање, не на крајот, туку на почетокот на едно големо ново поглавје од историјата. А тоа бара храброст“ (Обраќање до студентите, 3 август 2023 година). Тоа е храброста за преобратиме, да излезеш од ропството. Верата и љубовта ја држат за рака таа детска надеж. Го учат да оди и, во исто време, ги влече напред [1].

Ве благословувам сите вас и вашиот великопосен пат.

Рим, Свети Иван Латерански, 3 декември 2023 година, прва недела од Адвент

ФРАЊО

__________________________

[1] сп. Ch. Péguy, Il portico del mistero della seconda virtù, Милано 1978, 17-19.

к.мк

Категорија: Проповеди

За авторот