Сакам заедно со вас да размислувам за посланието кое Христос ни го довери. Во своето обраќање до вас воедно се обраќам и до сите христијани кои во Црквата ја живеат авантурата на својот живот како деца Божји. Она што ми лежи на срце да го кажам на сите додека ви се обраќам на вас е сигурноста дека христијанската вера останува трајно млада кога е отворена за посланието кое Христос ни го доверува. „Мисионерскиот жар е знак на живоста на верата“ (Redemptoris missio, 2), пишуваше свети Иван Павле II, Папа кој покажа толку голема љубов и многу се посвети на младите.
Синодата која ќе се одржи во Рим следниот октомври, месецот посветен на мисиите, ни нуди можност подобро да го разбереме, во светлината на верата она што Господ Исус сака да ви го каже на вас младите и преку вас на сите христијански заедници.
Животот е мисија
Секој маж и секоја жена е една мисија и тоа е причината заради која сме овде на земјата. Да бидеме привлечени и да бидеме испратени се двете движења кои нашето срце посебно кога сме млади, ја чувствува љубовта како внатрешна сила; тие го одржуваат ветувањето за иднината и му го даваат правецот на нашиот живот. Никој така како младите не ја чувствува продорната сила на животот и неговиот шарм. Радосно да се живее нашата одговорност за светот е голем предизвик. Добро ги познавам светлата и сенките на младоста; кога ќе се присетам на мојата младост и на моето семејство се сеќавам колку била силна мојата надеж за подобра иднина. Фактот дека на овој свет не сме по сопствен избор ни дава да насетиме дека постои иницијатива која ни претходи и ни дава да постоиме. Секој од нас е повикан да размислува за овој факт: „Јас сум една мисија на ова земја и токму и заради тоа сум на овој свет“ (Evangelii gaudium, 273).
Ви го навестуваме Исус Христос
Навестувајќи го она што бесплатно го примила (Матеј 10, 8; Дела 3, 6), Црквата може со вас младите да го дели патот и вистината кои ја даваат смислата на нашиот живот на оваа земја. Исус Христос Кој умре и воскресна за нас, апелира до нашата слобода и нѐ предизвикува да ја бараме, откриваме и навестуваме таа порака на вистината и исполнувањето. Драги млади не плашете се од Христос и од Неговата Црква! Во неа се наоѓа богатството кое го исполнува животот со радост. Тоа ви го зборувам од сопствено искуство: благодарение на верата пронајдов сигурен темел на своите соништа и сила за да ги остварам. Сум видел многу страдање и сиромаштво кои го изобличуваат лицето на многу наши браќа и сестри. Но, сепак, за оние кои се со Исус, злото е поттик уште повеќе да љубат. Многу мажи и жени и многу млади луѓе великодушно се дарувале, понекогаш дури до мачеништво, од љубов кон Евангелието и во служењето на своите браќа и сестри. Од Исусовиот крст ја учиме божествената логика за принесување на самите себе за жртва (1 Коринтјаните 1, 17-25) како навестување на Евангелието за живот на светот (Иван 3, 16). Да се биде запален од Христовата љубов значи да се изгорува од тој пламен, да се расте во разбирањето преку Неговата светлина и да се биде обземен од топлината на Неговата љубов (2 Коринтјаните 5, 14). Во училиштето на светците, кои ни ги отвораат широките Божји хоризонти, ве повикувам никогаш да не престанете да се прашувате: „Што Христос би направил да е на моето место?“
Пренесувајте ја верата сѐ до крајот на земјата
И вие младите со крштението сте станале живи членови на Црквата; заедно сме го примиле посланието да го носиме Евангелието на сите. Вие сте на прагот на животот. Растот во благодатта на верата која ни е дарувана со светите Тајни на Црквата, нѐ нурнува во големиот поток на сведоци кој од генерација на генерација овозможува мудроста и искуството на старите луѓе да станат сведоштво и охрабрување за оние кои се отвораат за иднината. Младите пак со својата младост и ентузијазам се поддршка и надеж за оние кои се приближуваат до крајот на своето патување. Во соживотот на различните возрасти, посланието на Црквата е да гради мостови помеѓу различните генерации; нашата вера во Бог и љубовта кон ближниот се извор на длабоко единство.
Тоа пренесување на верата, срцето на посланието на Црквата, се случува преку „заразеноста“ од љубовта, каде радоста и ентузијазмот стануваат израз на пронајдената смисла и полнота на животот. Ширењето на верата „преку привлечноста“ бара срце кое е отворено за љубовта и кое љубовта го шири. На љубовта не можат да ѝ се поставуваат граници: „Љубовта е силна како смрт.“ (Песна 8, 6) А тоа ширење раѓа средба, сведоштво, навестување; раѓа исто така заедништво во делотворната љубов со сите оние кои се далеку од верата, кои се рамнодушни, па дури и непријателски настроени кон неа. Човечките, културните и верските средини во кои сѐ уште се непознати Исусовото Евангелие и таинственото присуство на Црквата, претставуваат крајни периферии, „краиштата на светот“ до кои уште од Исусовото воскресение, неговите ученици се испратени со сигурноста дека Господ секогаш е со нив (Матеј 28, 20; Дела 1, 8). Во тоа се состои она што го нарекуваме missio ad gentes. Најопустошена периферија на светот која има потреба од Христос е таа каде човекот е рамнодушен кон верата или дури покажува омраза кон полнотата на животот со Бог. Секое материјално и духовно сиромаштво, секој облик на дискриминација против нашите браќа и сестри секогаш е последица на отфрлањето на Бог и на Неговата љубов.
Краиштата на светот, драги млади денес за вас се многу релативни и до нив е сѐ полесно да се „доплови.“ Дигиталниот свет – социјалните мрежи кои се толку распространети и достапни – ги бришат границите, ја укинуваат оддалеченоста и ги намалуваат разликите. Сѐ изгледа на дофат на рацете, толку блиско и непосредно. Меѓутоа без искреното дарување на нашите животи можеме да имаме безброј контакти, а повторно никогаш да не бидеме нурнати во вистинското заедништво на животот. Да се учествува во посланието до краиштата на светот бара себедарување во повикот кој ни го дал Тој Кој нѐ поставил на овој свет. (Лука 9, 23-25) Се осмелувам да кажам дека за младите кои сакаат да Го следат Христос е клучно да го бараат, откријат и да истраат во својот повик.
Сведочете ја љубовта
Благодарен сум на сите црковни групи кои ви овозможуваат лична средба со живиот Христос во Неговата црква: парохиите, здруженијата, движењата, монашките заедници и различни изрази на мисионерска служба. Токму во мисионерската волонтерска работа многу млади го пронашле патот за служење на најмалите наши браќа и сестри (Матеј 25, 40), промовирајќи го човечкото достоинство и сведочејќи ја радоста на љубовта и припадноста кон Христос. Овие црковни искуства помагаат на младите, воспитувањето и образованието кое го стекнуваат да не служи само за постигнување на професионален успех, туку исто така за развивање и зајакнување на даровите кои ги примиле од Бог за подобро да им служат на другите. Тие вредни за пофалба облици на привремена мисионерска служба се плоден почеток и преку распознавањето на звањето можат да ви помогнат да се одлучите целосно да се дарувате како мисионери.
Папските мисионерски дела се родени од срцата на младите луѓе како средство за поддршка на навестувањето на Евангелието на сите народи и да придонесат за духовен и културен раст на сите оние кои се жедни за Вистината. Молитвите и материјална помош кои великодушно се даруваат и поделуваат преку Папските мисиски дела, помагаат на Светиот Престол да обезбеди на оние на кои им се помага во нивните лични потреби за возврат можат да дадат сведоштво за Евангелието во околностите од нивниот секојдневен живот. Никој не е толку сиромашен да не може да го даде она што го има, но најпрво она што е. Ми се допаѓа да потсетам на повикот кој го упатив до младите Чилеанци: „Никогаш не мисли дека немаш ништо што да понудиш или дека на никој не си му потребен. На многумина си им потребен, размисли за тоа. Нека секој од вас размислува за ова во своето срце: На многу луѓе сум им потребен!“ (Средба со младите, светилиште во Маипу, 17 јануари 2018 година)
Драги млади, идниот октомври, месецот посветен на мисиите, во кој ќе се одржи Синодата која е посветена на вас, ќе ни даде уште една можност за да ни помогне да станеме ученици мисионери, кои со уште поголем жар Го љубат Исуса и Неговото послание, сѐ до крајот на земјата. Да ја воздигнеме молитвата до Марија, Царица на апостолите, до свети Фрањо Ксаверски, до света Тереза на Детето Исус и до блажен Паоло Мана со своето застапување да нѐ придружуваат на нашиот животен пат.
Од Ватикан, 20 мај 2018, празник Духови
к.мк