Порака на папата Фрањо до учесниците на Фестивалот за млади во Меѓугорје

Порака на папата Фрањо до учесниците на Фестивалот за млади во Меѓугорје

Папата Фрањо упати порака до учесниците на 34. Меѓународен фестивал за млади во Меѓугорје, кој се одржува од 26 до 30 јули 2023 година. Ја пренесуваме во целост неговата порака.

Предраги!

Со радост ви се обраќам на вас што учествувате на Фестивалот за млади во Меѓугорје, кој е можност да ја славите и обновите вашата вера. Сакам да ги живеете овие денови како духовно ходочастие што ќе ве доведе до средба со Господ во Евхаристијата, обожавање, исповед, библиска катехеза, во тивко молење на светата Бројаница, но и преку сведоштвата.

Предложената тема за оваа година за размислување е: „Еве ја мојата мајка и еве ги моите браќа“ (Матеј 12,49). Евангелистот Матеј раскажува, додека зборувал Исус со мноштвото, му било кажано дека мајка му и неговите браќа стојат надвор и го бараат. Исус одговара со прашањето: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа? (Матеј 12,48). „И како покажа со рака на учениците Свои, рече: „Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа. Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“ (Матеј 12,49-50).

Длабоко сме погодени од гестот и зборовите на Исус, бидејќи на прв поглед изгледаат како недостаток на почит кон неговата мајка и роднините. Всушност, со оваа изјава сакаше да ни покаже дека прифаќањето на волјата на Отецот, да се зацврстиме во единството со Него, е посилна врска од најблиските крвни роднини. Драги млади, Божјата волја е непроценливо богатство! Затоа Дева Марија стапува во сродство со Исус уште пред да го роди. Таа станува ученичка и мајка на својот Син во моментот кога ги прифаќа зборовите на ангелот одговарајќи: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“ (Лука 1,38 ). Од тој момент, целиот нејзин живот бил континуирано вршење на Божјата волја.

Сепак, често се наоѓаме во конфликт со оваа волја, понекогаш ни е тешко да ја разбереме и прифатиме, би сакале поинаков живот, без предизвици, без страдања, би сакале да бидеме поинакви, можеби поинтелигентни, побогати во таленти и вродени дарови. Меѓутоа, нема подобра волја за нас од онаа на Отецот, која е планот на љубов кон нас во перспектива на неговото царство и нашата целосна среќа. Честопати се плашиме од оваа волја, затоа што се плашиме дека Бог може да ни наметне нешто по чиста случајност, а не за наше добро; се плашиме дека прифаќањето на неговата волја би значело откажување од нашата слобода. Наместо тоа, мора внимателно да бараме, да бараме од Бог Отецот да ни ја објави неговата волја и да бараме таа да се исполни во нас. А најголемата причина за да ја посакуваме неговата волја ни ја покажува Исус: вршењето на волјата на Отецот нè прави негови деца, браќа, сестри.

Драги млади, Бог има план со љубов за секој од вас. Не плашете се од неговата волја, туку положете ја целата своја доверба во неговата благодат. Вие сте важни и скапоцени за Него, бидејќи сте дело на Неговите раце (сп. Постинодален Апостолски поттик Christus vivit, 115). Само Тој го знае твоето срце и твоите најдлабоки желби. Само Оној, Кој те сака со целосна љубов, е способен да ги исполни твоите копнежи. Никој освен Бог нема да може да ви даде вистинска среќа. Следејќи го примерот на Марија, науачи како да му го кажеш своето безусловно „да“. Нека нема место за себичност или мрзеливост во вашиот живот. Искористи ја младоста, заедно со Господ, да ги удриш темелите на твоето постоење, бидејќи од одлуките што ќе ги донесеш во овие години ќе зависи твојата лична, професионална и општествена иднина.

Во ова патување, драги млади, нека ве придружува блажената Мајка Марија и нека ве научи да ја распознавате и прифатите волјата на Небесниот Отец во вашиот живот. Втиснете во вашата младост знак на надеж и занес во сегашниот момент. Бидете ентузијасти мисионери на новата евангелизација! Донесете им ја на оние кои страдаат, на оние кои се во потрага – радоста што Исус сака да ја дарува. Донесете ја во вашите семејства, во вашите училишта и универзитети, на вашите работни места и на вашите пријатели, каде што живеете. Ако дозволите Божјата милост да дејствува во вас, ако сте дарежливи и истрајни во вашата секојдневна работа, ќе го направите овој свет подобро место за сите. Од срце ве благословувам. Ве молам, молете се за мене.

Во Рим, во Свети Иван Латерански

На празникот на Светите апостоли Петар и Павле, 29 јуни 2023 година

ФРАЊО

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот