Порака на Папата за Великиот пост 2025 година: Да чекориме заедно со надеж

Порака на Папата за Великиот пост 2025 година: Да чекориме заедно со надеж

На 25 февруари 2025 година папата Фрањо ја објави својата порака за Великиот пост, кој ќе биде одбележан со јубилејната година на надежта. Во неа, тој ги повикува верниците да го продлабочат своето ходочестие до Христовата пасхална победа над гревот и смртта, фокусирајќи се на три аспекти од ова свето време: одење напред, заедничко патување и надеж.

Папата потсетува дека постот започнува со симболичниот обред поросување со пепел, што означува повик за покајание. Христијаните се повикани да ги свртат своите срца кон Бога, да се откажат од ропството на гревот и да ја вратат слободата на Божји деца. Светиот Отец укажува на библискиот пример за излезот на израелскиот народ од Египет: патот од ропството до ветената земја е прототип на патот на секој верник, поврзан и со актуелните предизвици на нашето време. Папата зборува за милиони луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови поради насилство и неправда. Во овој контекст, тој повикува на сочувство и отвореност, бидејќи – вели – „средбата со оние кои имаат потреба може да биде можност за духовна обнова“. Светиот Отец нè повикува и да размислуваме за грешните навики, стравовите, самоизолацијата и да се запрашаме: Дали се стремиме кон вистинско ослободување, дали одиме кон Бога или остануваме парализирани во нашата вообичаена зона на удобност?

Вториот важен аспект на постот, според Папата, е заедничкото патување во духот на синодалноста: христијаните се повикани да не одат сами, туку заедно, градејќи го единството на Црквата. Светиот Дух го води Божјиот народ кон вистинско братство во кое никој не треба да се чувствува заборавен или отфрлен. Папата го привлекува вниманието на искушението на индивидуализмот и изолацијата, кои го попречуваат вистинскиот христијански пат. Секој верник е повикан да се запраша: Дали е способен да го споделува патот со другите – во семејството, во парохиите, во монашките заедници, на работното место? Папата Фрањо ги повикува пастирите и мирјаните да работат рака под рака за Царството Божјо, да се однесуваат кон своите ближни со грижа и почит и сите да ги поттикнуваат да учествуваат во животот на Црквата. Синодалниот дух, според Папата, се изразува во способноста да се слушаат еден со друг, да покажуваат трпение, да се грижат за слабите и да избегнуваат завист и поделби. Ова е време на посебно сведоштво за братството, кое мора да се покаже, не само со зборови, туку и со конкретни дела.

Третата важна тема на Великиот пост е надежта. Папата Фрањо нагласува дека во срцето на секој христијанин мора да гори довербата во Божјата милост и ветувањето за вечен живот. Потсетувајќи се на зборовите на апостол Павле – „надежта не разочарува“ (Римјаните 5,5), ги повикува верниците да се запрашаат: Дали навистина веруваме во Бог? Дали можеме да Го гледаме како извор на спасението или се потпираме само на сопствената сила? Колку нашата вера е овоплотена во конкретни делувања насочени кон правда, братство и грижа за светот?

Папата потсетува дека Великиот пост е време на зајакнување на надежта која води кон Воскресението. Надежта не е само утеха, туку основна сила која ги вдахновува христијаните да одат напред и покрај искушенијата, „сидро на душата“ кое ги држи на патот до спасението. Надежта води до Пасха и ништо не може да нè одвои од љубовта Божја (Римјаните 8,38-39).

„Пресвета Богородица, Мајка на Надежта, нека се застапува и нека не придружува на нашето великопосно патување“, посакува папата Фрањо на крајот од својата порака.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот