Порака на Папата за Велигденскиот пост: Воздржувајте се од груби зборови и непромислени осуди
Пред почетокот на Великиот пост, папата Лав XIV ги повикува верниците да се отворат за слушање, постење и заедништво, поттикнувајќи нè да се воздржуваме од зборови на омраза за да направиме простор за зборови на надеж и мир.
„Би сакал да ве повивакн на многу практична и често неценета форма на воздржување: воздржување од зборови што го навредуваат и повредуваат нашиот ближен.“
Папата Лав XIV го стави овој повик во срцето на својата порака за Великиот пост 2026, која е објавена во петок, 13 февруари 2026 година.
Бидејќи Великиот пост започнува на Чиста среда, 18 февруари,(н.з. според западната традиција) Папата рече дека овој литургиски период им нуди на христијаните можност да го вратат Божјото таинство во центарот на своите животи.
Секој пат на преобраќање, рече тој, започнува со тоа што дозволува Божјото Слово да ги допре нашите срца, за да можеме да ја обновиме нашата посветеност да го следиме Христос во таинството на Неговото спасоносно страдање, смрт и воскресение.
Папата Лав се фокусираше на важноста на слушањето на Бога и на оние околу нас, дозволувајќи си да влеземе во автентични односи.
„Среде бројните гласови присутни во нашите лични животи и во општеството“, рече тој, „Светото Писмо ни помага да го препознаеме и да одговориме на крикот на оние кои се мачени и страдаат“.
Христијаните, рече Папата, можат да негуваат внатрешна отвореност за слушање, како што прави Бог, со тоа што ќе растат во свеста дека сиромашните ги предизвикуваат нашите животи и економските системи, како и Црквата.
Потоа папата Лав XIV се осврна на тоа како постот ни помага да се отвориме кон длабоката желба за правда, за која рече дека нè ослободува од самодоволството.
„Токму затоа што го вклучува телото, постот го олеснува препознавањето за што сме „гладни“ и што сметаме дека е потребно за нашата егзистенција“, рече тој. „Покрај тоа, ни помага да ги идентификуваме и средиме нашите „апетити“, одржувајќи ја жива нашата глад и жед за правда“.
Постот, додаде тој, нè учи да управуваме со нашата желба преку прочистување, ослободување и проширување, со цел да ја насочиме нашата желба кон Бога и добрите дела.
Сепак, мора да постиме со вера, понизност и заедништво со Господ, а не на начин што води кон гордост, рече Папата, додавајќи дека и другите форми на самоодрекување водат кон поотрезнет начин на живот.
Потоа папата Лав посочи на една потценета форма на воздржување, а тоа е воздржување од навредливи зборови.
„Да почнеме со разоружување на нашиот јазик, избегнување на груби зборови и брзоплети осуди, воздржување од клевети и лошо зборување за оние кои не се присутни и не можат да се одбранат“, рече тој. „Наместо тоа, да се стремиме да ги мериме нашите зборови и да негуваме љубезност и почит во нашите семејства, меѓу нашите пријатели, на работа, на социјалните медиуми, во политичките дебати, во медиумите и во христијанските заедници.“
Ако го сториме тоа, ќе дозволиме зборовите на омраза „да отстапат место на зборови на надеж и мир“.
Папата Лав продолжи да го нагласува заедничкиот аспект на слушањето и постењето, кој може да се живее во нашите парохии, семејства и верски заедници.
Слушајќи го плачот на сиромашните и насочувајќи ги нашите срца кон патот на преобраќање кон Христос, ја вежбаме нашата совест и го подобруваме квалитетот на нашите животи и односи, рече тој.
„Тоа значи да си дозволиме да бидеме предизвикани од реалноста и да препознаеме што навистина ги води нашите желби – и во рамките на нашите црковни заедници и во однос на жедта на човештвото за правда и помирување.“
Папата Лав XIV го завршува свеото Послание за Велигденскиот пост во 2026 година со повик христијанските заедници да станат места каде што се добредојдени оние што страдаат.
„Да побараме силата што доаѓа од начинот на постење што се однесува и на нашата употреба на јазикот“, рече тој, „за да можат навредливите зборови да се намалат и да отстапат место на поголем простор за гласот на другите.“
Ватикан њуз/к.мк

