Пораката на света Бригита за Европа

Пораката на света Бригита за Европа

На 23 јули Црквата го слави празникот на света Бригита која во 1999 година свети Иван Павле II ја прогласи за созаштитничка на Европа.

За таа важна жена во историјата на Црквата и за актуленоста на нејзините пораки за Vatican News зборуваше Мајка Хилариjа Виејра поглаварка на редот Пресветиот Спасител кој го основала света Бригита.

Во Црквата денес се слави празникот на света Бригита созаштитничка на Европа. Пораката на света Бригита денес е актуелна како во нејзиното време; имено Европа толку е обележана со секуларизмот, материјализмот, па дури и со омразата. Денес повеќе е од потребно да се живее пораката на света Бригита која нѐ повикува на единство, мир и солидарност – рече во разговор за Vatican News Мајка Хилариjа Виејра поглаварка на редот Пресветиот Спасител, кој го основала света Бригита во XIV век, а кој во XX век го обновила света Мариjа Елизабета Хеселблад. Да се присетиме која била таа модерна и толку важна жена во историјата на Црквата, што е прогласена за созаштитничка на Европа.

Сопруга и мајка на осум деца

Света Бригита е родена во 1303 година во благородничко семејство во Шведска, иако чувствувала духовен повик се омажила по желба на татко ѝ. Имала осум деца. Со сопругот Улф живеела среќен брак. Животот на света Бригита бил живот на молитва, слушање на Евангелието, размислувала за маката на нашиот Господ и од тоа црпела сила за својата харизма за единство, мир и солидарност – рече Мајка Хиларија.

Враќање на Папата од Авињон во Рим

Вториот дел од животот на света Бригита започнува откако станала вдовица. Во 1349 година отишла во Рим по повод Светата година 1350 и најмногу за да побара одобрение за правилата на редот кој го основала. Во Рим наоѓа страшни неприлики. Папата бил во Авињон, а не во Рим, а римското население било како стадо без пастир. Владеела чума, а во тек била и војна помеѓу Франција и Англија. Затоа нејзината голема љубов кон Исус ја поттикнува да направи сѐ за Папата да се врати во Рим – рече Мајка Хиларија и додава: Центарот на нејзиното послание како и на нејзината современичка света Катерина Сиенска било силно ангажирање Папата да се врати на Петровиот гроб.

Мир во Европа

Вториот „фронт“ на кое нејзиното ангажирање било посебно силно било за мир во Европа. Посредувала за да се прекине стогодишната војна помеѓу Франција и Англија. Освен тоа многу важни во тоа време биле нејзините каритативи дела. Таа која била од благородничко семејство живеела во сиромаштво така што пред црковните врати барала милостиња.

За светица ја прогласува папата Бонифациј IX во 1391 година. Заштитничка е на Шведска, а во 1999 година светиот папа Иван Павле II ја прогласува за созаштитничка на Европа.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот