Порака на папата Фрањо за 97. Светски ден на мисиите

Порака на папата Фрањо за 97. Светски ден на мисиите

22 октомври 2023 година

„Запалени срца, нозе во од’ (движење)“ (сп. Лука 24, 13-35).

Драги браќа и сестри!

Оваа година, за Светскиот Ден на Мисиите, избрав тема инспирирана од настанот на учениците од Емаус, од Евангелието според Лука (сп. 24, 13-35): „Запалени срца, нозе во од’ (движење)“. Тие двајца ученици биле збунети и разочарани, но средбата со Христос во Словото и во прекршувањето на Лебот во нивните срца ја разбудува желбата повторно да тргнат на пат кон Ерусалим и да навестат дека Господ навистина воскреснал. Во тој евангелски извештај, гледаме длабока промена кај учениците преку некои сугестивни слики: огнот во срцето поради Светото Писмо што Исус го толкуваше, отворените очи со кои го препознаваат и, на крајот, нозете на патот. Размислувајќи за овие три гледишта, кои го опишуваат патувањето на мисионерските ученици, можеме да ја обновиме нашата ревност за евангелизација во денешниот свет.

  1. Запалени срца „додека ни го откриваше Писмото“. Божјото слово го просветлува и преобразува срцето во мисијата.

На патот од Ерусалим кон Емаус, срцата на двајцата ученици беа исполнети со тага – што се гледа од нивните лица – поради смртта на Исус, во Кого тие веруваа (сп. т. 17). Соочени со неуспехот на распнатиот Учител, нивната надеж дека Тој е Месијата беше уништена (сп. т. 21).

И ете, „додека разговараа и се расправаа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив“ (ст. 15). Како на почетокот од повикот на учениците, така и сега, во часот на нивната загуба, Господ презема иницијатива, да им се приближи на своите и да оди со нив. Во Неговата голема милост, Тој никогаш не се заморува да биде со нас, и покрај нашите грешки, сомнежи, слабости, и покрај тагите и песимизмот кои нè наведуваат да станеме „безумни и спори на срцето“ (ст. 25), маловерници.

И денес, како и тогаш, воскреснатиот Господ е близок до своите ученици мисионери и оди со нив, особено кога тие се чувствуваат изгубени, обесхрабрени, преплашени пред тајната на беззаконието што ги опкружува и сака да ги задуши. Затоа, „да не дозволиме да ни ја украдат надежта!“ (Апостолска опомена Evangelii Gaudium, 86). Господ е поголем од нашите проблеми, особено кога ќе наидеме на нив при објавувањето на Евангелието на светот, бидејќи таа мисија на крајот е негова, а ние сме само негови скромни соработници, „бескорисни слуги“ (сп. Лк. 17,10).

Ја изразувам мојата блискост во Христа со сите мисионери и мисионерки во светот, особено со оние кои минуваат низ тешки моменти: возљубени, воскреснатиот Господ е секогаш со вас и ја гледа вашата дарежливост и вашите жртви што ги правите во евангелизациската мисија во далечните краишта. Не сите денови во животот се исполнети со сонце, но секогаш да ги имаме на ум зборовите што Господ им ги упатил на апостолите пред страдањата: „Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот!“ (Иван 16, 33).

Откако ги ислуша двајцата ученици на патот кон Емаус, воскреснатиот Исус „како почна од Мојсеј и од сите пророци, им разјаснуваше што е кажано за Него во сите Писма“ (Лк 24, 27). Тогаш во срцата на учениците се разгоре пламен, а на крајот тие си рекоа еден на друг: „Зар не гореа во нас срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ (р. 32). Исус е живото Слово, единственото што може да го запали, просветли и преобрази срцето.

Така, можеме подобро да разбереме што рекол свети Јероним: „Да се игнорира Светото Писмо значи да не се познава Христос“ (Во Ис., Пролог). „Без Господ да ни го отвори умот, невозможно е длабоко да го разбереме Светото Писмо. Но, исто така важи и спротивното: без Светото Писмо, настаните од мисијата на Исус и неговата Црква во овој свет остануваат неразбирливи“ (Апостолско писмо Aperuit ilis, 1). Затоа познавањето на Светото Писмо е важно за животот на еден христијанин и уште поважно за навестувањето на Христос и неговото Евангелие. Во спротивно, што се пренесува на другите, ако не сопствени идеи и планови? И дали студеното срце некогаш може да ги запали срцата на другите?

Затоа, да дозволиме секогаш да нè придружува воскреснатиот Господ кој го толкува значењето на Светото Писмо. Да дозволиме Тој да го запали нашето срце, да нè просветли и преобрази, за да можеме на светот да му ја навестуваме тајната на спасението со силата и мудроста што доаѓаат од неговиот Дух.

  1. Очите кои „се отвориле и го препознале“ при прекршувањето на лебот. Исус во Евхаристијата е врвот и изворот на мисијата.

Запалените срца од Божјото Слово ги поттикнаа учениците од Емаус да го замолат мистериозниот Патник да остане со нив бидејќи веќе настапуваше ноќта. И додека беа на трпезата им се отворија очите и го препознаа кога го прекршуваше лебот. Редоследот на постапките што ги направил Исус одиграл клучна улога во отворањето на очите на учениците: тој зел леб, да го благослови, да го прекрши и да им го даде. Ова се вообичаените гестови на главата на едно еврејско семејство, но кога Исус Христос по благодатта на Светиот Дух ги прави, тие потсетуваат на знакот на умножувањето на лебовите и, пред сè, знакот на Евхаристијата, тајна на Крсната жртва. Но, токму во моментот кога го препознаваат Исус во Оној што го крши лебот, „Тој стана невидлив за нив“ (Лк 24, 31). Овој факт ни помага да ја разбереме суштинската реалност на нашата вера: Христос кој го крши лебот сега станува скршен леб, кој се дели со учениците и од нив е консумиран. Тој стана невидлив, затоа што сега влезе во срцата на учениците за да нивните срца горат со уште поголем жар, поттикнувајќи ги повторно да тргнат на пат без двоумење за да го споделат со сите единственото искуство на средбата со Воскреснатиот! Така воскреснатиот Христос е Оној кој го крши лебот и во исто време Лебот што се крши за нас. Секој ученик мисионер затоа е повикан да стане, како Исус и во Него, благодарение на дејството на Светиот Дух, оној што го крши лебот и истовремено лебот што се крши за светот.

Во врска со ова, треба да се запомни дека едноставно кршењето материјален леб со гладните во името на Христос е само по себе христијански мисионерски чин. Дотолку повеќе што кршењето на евхаристискиот леб, кој е самиот Христос, е пар екселанс мисионерска дејност, бидејќи Евхаристијата е изворот и врвот на животот и на Цркoвната мисија.

Папата Бенедикт XVI нè потсети на ова: „Не можеме да ја задржиме љубовта што ја славиме во светата тајна (на Евхаристијата) за себе. По својата природа, таа бара да ја пренесеме на сите. На светот му е потребна Божјата љубов, да се сретне со Исус Христос и да верува во Него. Затоа Евхаристијата не е само извор и врв на црковниот живот; туку и на нејзината мисија: „Автентично евхаристиската црква е мисионерската црква“ (Apostolic Exhortation Sacramentum Caritatis, 84).

За да вродиме плод, мораме да останеме соединети со Него (сп. Ив. 15, 4-9). А тоа соединување се остварува преку секојдневната молитва, особено во обожавање, во тишина во присуство на Господ, кој останува со нас во Евхаристијата. Со љубов негувајќи го ова заедништво со Христос, ученикот мисионер може да стане мистик на дело. Нека нашите срца секогаш копнеат по Исусовото друштво, вдахнувајќи ја запаливата молба на двајцата ученици од Емаус, особено кога ќе настапи вечер: „Остани со нас, Господи!“ (сп. Лука 24, 29).

  1. Нозе во од’ (движење), со радост да се раскажува за Воскреснатиот Христос. Вечната младост на Црквата, која е секогаш во подем.

Откако им се отворија очите, препознавајќи го Исуса при „кршењето на лебот“, учениците „во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим“ (сп. Лука 24,33). Оваа итност да се оди, за да се сподели радоста од средбата со Господа со другите покажува дека „радоста на евангелието го исполнува срцето и целиот живот на секој што ќе се сретне со Исус. Оние кои ја прифаќаат неговата понуда за спасение се ослободуваат од гревот, тагата, духовната празнина и осаменоста. Со Исус Христос секогаш радоста се раѓа повторно и повторно“ (Apostolic Exhortation Evangelii Gaudium, 1). Невозможно е вистински да се сретне воскреснатиот Исус без да гориме од желбата да им кажеме на сите за тоа. Затоа, првото и главното богатство на мисијата се оние кои во Светото Писмо и во Евхаристијата го препознале воскреснатиот Христос и го носат неговиот пламен во срцата и неговата светлина во очите. Тие можат да сведочат за живот кој никогаш не умира, дури и во најтешките ситуации и во моменти на најголема темнина.

Сликата на „нозе во од’ (движење)“ нè потсетува уште еднаш на безвременската вредност на missio ad gentes, мисијата што Воскреснатиот Господ и ја дал на Црквата да го објави Евангелието на секој човек и на секој народ, до крајот на светот. Денес повеќе од кога било човештвото е рането од толку многу неправди, поделби и војни, има потреба од Радосната вест за мир и спасение во Христос. Затоа ја користам оваа прилика да повторам уште еднаш: „Дека секој има право да го прими Евангелието. Христијаните имаат задача да го навестуваат без никого да исклучуваат, не како оние кои наметнуваат нова обврска, туку како оние кои споделуваат радост, укажуваат на хоризонтот на убавината и кои ги повикуваат другите на богата гозба“ (ibid., 14). Мисионерското преобраќање останува најважната цел што мораме да си ја поставиме како поединци и како заедница, бидејќи „мисионерското дејствување е парадигма на сето црковно дејствување“ (ibid., 15).

Како што вели апостол Павле, Христовата љубов нѐ обзема и нѐ поттикнува (сп. 2. Кор. 5, 14). Тука се работи за двојна љубов: таа Христовата љубов кон нас, која ја привлекува, вдахнува и разгорува нашата љубов кон Него. И токму таа љубов ја прави Црквата секогаш млада, а сите нејзини членови имаат мисија да го навестуваат Христовото евангелие, убедени дека Тој „ умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна“ (ст. 15). Сите можат да придонесат за ова мисионерско движење: преку молитва и делување, финансиски придонеси и жртви, со лично сведоштво. Папските мисионерски дела се привилегирано средство за унапредување на оваа мисионерска соработка на духовно и материјално ниво. Затоа прилозите собрани на Светскиот ден на мисиите се наменети за Папското мисионерско дело за ширење на верата.

Итноста на мисионерското делување на Црквата подразбира, секако, сè поблиска мисионерска соработка на сите нејзини членови од сите нивоа. Ова е суштинската цел на синодалниот пат по кој чекори Црквата со зборовите клучни за заедништво, учество, мисија. Ова секако не е израз на преокупираноста на Црквата со себе; не е процес народен кој одлучува, како во некои парламенти, што треба да се верува и да се спроведе во пракса, а што не, во согласност со желбите на луѓето. Напротив, станува збор за започнување на одење како учениците од Емаус, слушајќи го Воскреснатиот Господ, кој секогаш доаѓа меѓу нас да го протолкува значењето на Писмото и да прекрши Леб за нас, како би можеле со силата на Светиот Дух да ја продолжиме неговата мисија во светот.

Како што тие двајца ученици им раскажуваа на другите што им се случило на патот (сп. Лука 24, 35), така и нашето навестување ќе биде радосно раскажување за Христос Господ, за неговиот живот, страсти, смрт и воскресение, за чуда што ги направи неговата љубов во нашиот живот.

Оттука, да отидеме просветлени и ние, од средбата со Воскреснатиот и вдахновени од неговиот Дух. Да отидеме со запалени срца, со отворени очи и со нозете на пат, да ги запалиме срцата на другите со Божјото слово, да им ги отвориме очите за Евхаристичниот Исус, и да ги поканиме сите заедно да чекориме по патот на мирот и спасението што Бог му го дал на човештвото во Христа.

Света Богородица на одот, Мајка на Христовите ученици мисионери и Царица на Мисиите, моли се за нас!

Рим, Свети Иван Латерански, 6 јануари 2023 година, празник Богојавление.

ФРАЊО

Категорија: Проповеди

За авторот