Пораката на Папата за Светскиот ден на мирот 2023 година

Пораката на Папата за Светскиот ден на мирот 2023 година

Пораката на папата Фрањо за 56. Светски ден на мирот, кој се одбележува на 1 јануари 2023 година, беше објавена во петок, 16 декември 2022 година. „Иако е пронајдена вакцина за Ковид-19, сè уште не се најдени вистински решенија за војната. Сигурно е дека вирусот на војната е потешко да се победи од вирусите кои влијаат на човечкото тело, бидејќи тој не доаѓа однадвор, туку од внатре, од срцето на човекот ранет од гревот“.

„Никој не може сам да се спаси. Да појдеме од почеток по Ковид-19 за да ги исцртаме заедно патиштата на мирот“, е темата на пораката на Папата за Светскиот ден на мирот 2023 година, која се фокусира на две теми: пандемијата на болеста Ковид-19 и руската агресија врз Украина.

Ковид-19 нè фрли во мрачна ноќ, не исфрли од текот на нашиот секојдневен живот, ги наруши нашите планови и навики и го наруши навидум мирот дури и на најпривилегираните општества. Предизвика неснаоѓање и страдање и смрт на голем број наши браќа и сестри, пишува меѓу другото Папата во својот осврт за пандемијата.

По три години, време е да се преиспитаме, учиме, растеме и да дозволиме да се случи длабока промена кај нас како поединци и во заедницата. Многупати повторив дека од криза никогаш не излегуваш ист: од неа излегуваш или подобар или полош. Откако директно ја доживеавме кревкоста што ја карактеризира човечката реалност и нашето лично постоење, можеме да кажеме дека најголемата лекција што нѐ научи Ковид-19 беше свеста дека сите сме си потребни еден на друг, дека нашето најголемо, но и најкревко богатство е човечкото братство, втемелено врз нашето заедничко богосиновство и дека никој не може сам да се спаси. Затоа, многу е неопходно заедно да се бараат и промовираат универзални вредности кои можат да послужат како патоказ на патот што води до тоа човечко братство.

Исто така и научивме, пишува Папата во пораката за 56. Светски ден на мирот, дека довербата што ја вложувавме во напредокот, технологијата и ефектите од глобализацијата не само што беше прекумерна, туку се претвори во индивидуалистичка и идолопоклонска опиеност, загрозувајќи ги гаранциите на правдата, хармонијата и мирот за кои толку многу копнееме. Во нашиот свет, во кој сѐ се случува со голема брзина, големи проблеми на нерамнотежа, неправда, сиромаштво и маргинализација многу често поттикнуваат немири и конфликти, предизвикувајќи насилство, па дури и војни.

Токму кога се осмеливме да се надеваме дека најлошото од мракот на пандемијата Ковид -19 е зад нас, нова и страшна несреќа го снајде човештвото. Сведоци сме на појава на уште едно зло: уште една војна, која делумно може да се спореди со болеста Ковид-19, но која е резултат на погрешни човечки одлуки. Војната во Украина зема невини жртви и шири неизвесност, не само меѓу оние кои се директно погодени од неа, туку, на поширок и неселективен начин, меѓу оние кои ги трпат нејзините колатерални последици илјадници километри подалеку.

Сигурно, истакнува Светиот Отец во пораката, ова не е пост-Ковид, на кој се надевавме или каков што го очекувамвме. Оваа војна, како и сите други конфликти низ светот, е пораз за целото човештво, не само за страните директно вклучени во неа. Иако е пронајдена вакцина за Ковид-19, сè уште не се пронајдени вистински решенија за војната. Сигурно е дека вирусот на војната е потешко да се победи од вирусите што го зафаќаат човечкото тело, затоа што тој не доаѓа однадвор, туку од внатре, од срцето на човекот кој е излуден од гревот.

Тогаш, што се бара од нас?, прашува Папата во пораката и одговара: Најпрво се бара да дозволиме нашите срца да се променат поради извонредната ситуација низ која поминавме, односно да му дозволиме на Бога преку овој историски момент да ги преобрази нашите вообичаени критериуми за толкување на светот и реалноста. Не можеме повеќе да размислуваме само за тоа како да ги зачуваме нашите лични или национални интереси, туку тоа мора да го набљудуваме низ призма на општото добро, со префинето чувство за заеднички живот, односно како „ние“ отворени за универзално братство. Не можеме само да се обидуваме да се заштитиме, но дојде време сите ние да се залагаме за заздравување на нашето општество и нашата планета, создавајќи ги темелите за поправеден и помирен свет, сериозно посветени на барањето добра, кои вистински ќе бидат универзални.

За да го направиме ова и да живееме подобро по вонредната состојба со Ковид-19, не можеме да игнорираме основен факт: многуте морални, социјални, политички и економски кризи што ги доживуваме се меѓусебно поврзани, а она што го гледаме како на поединечни проблеми е или причина. или последица за други. Затоа, повикани сме одговорно и сочувствително да одговориме на предизвиците на нашиот свет, пишува Папата во пораката за Светскиот ден на мирот, кој се слави на 1 јануари 2023 година.

Пораката на Папата беше претставена во Ватикан од страна на префектот на Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој, кардинал Мајкл Черни, секретарката на Дикастеријата, сестра Алесандра Смерили, ФМА, главниот економист на ФАО, д-р Максимо Тореро (преку видео порака) и кантавторот, писател, режисер и актер Симоне Кристичи.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот