Од Папата досега го посетиле скоро 50.000 луѓе
Десетици илјади верници се простија од покојниот папа Фрањо над неговиот отворен ковчег од среда вечерта и во текот на ноќта, а базиликата Свети Петар беше отворена до 5.30 часот поради големиот број народ, за повторно да се отвори како што беше предвидено во 7.00 часот.
Иако претходно беше најавено дека ватиканската базилика Свети Петар во четврток ќе биде отворена до полноќ, надлежните ватикански служби најавија можност повторно да го продолжат времето, доколку е потребно, за сите кои сакаат да му оддадат почит на Светиот Отец.
Инаку, од средата во 11.00 часот до утринава во 8.30 часот, од папата Фрањо досега се простиле околу 48.000 луѓе, поминувајќи и молејќи се покрај ковчегот на покојниот Папа.
Во петок верниците можат да се молат покрај ковчегот од 7.00 до 19.00 часот. После тоа, во 20.00 часот, ковчегот ќе биде затворен во затворената базилика во тесен круг на луѓе. Во сабота во 10.00 часот, деканот на Кардиналскиот колегиум, Џовани Батиста Ре, ќе ја предводи задушната света Литургија за папата Фрањо на плоштадот Свети Петар.
Ватикан њуз/к.мк