Позитивна одлука за Меѓугорје од Дикастеријата за наука на верата 

Позитивна одлука за Меѓугорје од Дикастеријата за наука на верата 

Документот на Дикастеријата за наука на верата одобрен од папата Фрањо не зборува за натприродното, но ги признава изобилните духовни плодови поврзани со парохијата-светилиште Царицата на мирот и дава главно позитивно мислење за пораките, со неколку појаснувања. 

„Дојде моментот да се заврши долгата и сложена историја околу духовните феномени на Меѓугорје“. Со тие зборови започнува соопштението за духовното искуство поврзано со Меѓугорје, потпишана од кардиналот Виктор Мануел Фернандез, префект на Дикастеријата за наука на верата. Тоа е текст што го одобри папата Фрањо, кој ја препознава вредноста на духовните плодови поврзани со искуството на Меѓугорје, овластувајќи ги верниците да се придржуваат до него бидејќи „се случиле бројни позитивни плодови и не се проширија негативни или ризични ефекти меѓу Божјиот народ“. Во најголем дел позитивно е и мислењето за пораките, иако со појаснување на некои изрази. 

Позитивни плодови 

Местата поврзани со феноменот во Меѓугорје се одредишта за ходочестие од целиот свет. „Позитивните плодови се манифестираат главно како промовирање на здраво практикување на животот со верата“ во согласност со традицијата на Црквата. Се случиле „бројни преобраќања“ на луѓе кои ја открија или повторно ја откриваат верата; враќање на исповедта и светата Причест, бројни звања, „бројни помирувања на сопружници и обновување на брачниот и семејниот живот“. забележани се и „многу бројни оздравувања“. Парохијата во Меѓугорје е место за обожавање, молитва, семинари, духовни вежби, собири на млади луѓе. Воспоставени се и добротворни дела кои згрижуваат деца без родители, зависници, лица со посебни потреби, а утврдено е и присуство на групи православни христијани и муслимани. 

Порака за мир 

Документот на Дикастеријата потоа ги разгледува главните аспекти на пораките, почнувајќи од пораката за мир сфатена не само како отсуство на војна, туку и во духовна, семејна и социјална смисла: најоригиналниот наслов што Богородица си го припишува е, имено, „Царица на мирот“. Тоа е мир кој е плод на живеење на љубовта која „подразбира исто така љубов кон оние кои не се католици“. Овој аспект е подобро разбран „во екуменскиот и меѓурелигискиот контекст на Босна, обележан со страшната војна со силни религиозни елементи“. 

Бог во центарот 

Често се појавува поттик да се препуштиме со доверба на Бог Кој е љубов: „Можеме да го препознаеме јадрото на пораките во кои Богородица не се става себеси во центарот, туку покажува дека е целосно насочена на нашето соединување со Бога“. Освен тоа, „посредништвото и делување на Марија се јасно подредени на Исус Христос како творец на благодатта и спасението во секоја личност“. 

Повик за преобраќање 

Во пораките потоа наоѓаме „постојан повик за напуштање на световниот начин на живот и прекумерна приврзаност кон земните добра, со чести поттикнувања за преобраќање, што го прави возможен вистинскиот мир во светот“. Изгледа дека токму преобраќањето е центарот на пораката на Меѓугорје. Исто така, постои „истраен поттик да не се потценува сериозноста на злото и гревот“ и сериозно да се сфати Божјиот повик за борба против злото. Исто така фундаментални се улогата на молитвата и постот, како и централното место на светата Литургија и потрагата по крајната смисла на постоењето во вечниот живот. 

Потребни појаснувања 

Во вториот дел од документот се истакнува дека „неколку“ пораки може да изгледаат „поврзани со збунувачки човечки искуства“ иако некои грешки можеби не се „со лоши намери, туку поради субјективно разбирање на феноменот“. Во некои случаи, „изгледа дека Богородица покажува одредена раздразнетост затоа што некои нејзини упатства не се следеле; на тој начин предупредува на заканувачки знаци и можноста никогаш повеќе да не се објави“. Но, всушност, други пораки даваат исправно толкување: „Тие кои даваат катастрофални предвидувања се лажни пророци. Велат: „Во таа и таа година, на тој и тој ден, ќе има катастрофа“. Секогаш зборував дека казната ќе дојде ако светот не се преобрати. Затоа ги охрабрувам сите да се преобратат“ (15 декември 1983 година). 

Инсистирање на пораките 

Потоа следуваат пораки за парохијата во која Пресвета Богородица како да сака контрола над поединости на духовниот и пасторалниот пат. Во други случаи, пораките „се однесуваат на барања од „мало натприродно потекло“, кога Богородица „дава наредби за датуми, места, практични аспекти и донесува одлуки за вообичаени прашања“. Всушност, самата Богородица ги релативизира сопствените пораки со тоа што ги подложува на „неспоредливата вредност на Словото објавено во Светото Писмо“: „Не барајте необични работи, туку земете го Евангелието, прочитајте го и сè ќе ви биде јасно“ (12.11.1982). Во документот како проблематични се наведуваат и пораките кои и се припишуваат на Пресвета Богородица со изразите „мој план“, „мој проект“, зборови што „би можеле да збунат. Всушност, сè што прави Марија е секогаш во служба на Господовиот план”. Не смееме погрешно да ѝ доделиме на Марија „место кое е единствено и исклучиво за Синот Божји“. 

Одобрено јавно почитување 

Иако тоа не подразбира прогласување на натприродното, и потсетувајќи дека никој не е обврзан да верува во тоа, nihil obstat – издаден од мостарскиот бискуп во договор со Светиот Престол – упатува дека верниците „можат преку овој духовен предлог да добијат позитивен поттик за нивниот христијански живот и дозволува јавно почитување“. Во документот, исто така, се прецизира дека позитивната оценка за повеќето пораки од Меѓугорје „не подразбира прогласување за директно натприродно потекло“. Црковните власти на местата каде што е присутно такво искуство се повикани да ја ценат пасторалната вредност и „исто така да го промовираат ширењето на овој духовен предлог“. На крајот, дикастеријата ги охрабрува оние што одат во Меѓугорје „да прифатат дека не се оди на ходочестие за да се сретнат со наводните визонери, туку да се сретнат со Марија, Царицата на мирот“. 

Ватикан њуз/к.мк 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот