Поздравен говор на монс. Киро Стојанов до Н.Е. Надбискуп Пол Ричард Галагер, Секретар за односи со државите при Државниот секретаријат на Светиот Престол

Ваша Екселенција, господине Надбискупе Галагер, Почитуван Монс. Џорџо, драги монс. Јануш, браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христа!
Ваша Екселенција, денес и ѕидовите на оваа наша Катедрала одекнуваат со радосниот поздрав а колку повеќе нашите срца, бидејќи меѓу нас за прв пат после посетата на Светиот Отец папата Фрањо во 2019 година ни доаѓа највозвишена и најдостоинствена личност од Државниот секретаријат на Светиот Престол. Во Вас ја поздравувам службата на Петровиот Наследник, како еден од неговите најтесни соработници и би сакал да во оваа света Евхаристија ја препознаете нашата љубов и приврзаност кон личноста и службата на Петровиот наследник.
Ваша Екселенција, прво Ви благодарам што во својата зафатеност најдовте време – а тоа може да најде само љубов – да го посетите древното подрачје на Католичката црква каде прв евангелизатор беше апостолот на народите св. Павле, кој необично ја сакаше црквата која ја основа во Македонија – во Филипи и други градови и места. Ви благодарам за оваа блажена посета, бидејќи тоа е знак и признание на непрекинатата верност на оваа месна Црква кон Римскиот првосвештеник и Римската црква. Бог кој е единствен во својата добрина и наградува нека стоструко Ви возврати на оваа жртва и доаѓање меѓу нас.
Ваша Екселенција, овој ден е ден на радоста. Радоста, која ја носите Вие е Божји милосен дар, зашто радоста е дар на Светиот Дух, а ние во Вашата личност го препознаваме присуството на Светиот Дух според кој можеме да бидеме радосни за овие знакови на заедништво.
Ваша Екселенција, овој ден е и ден на гордост. Светиот отец папа Фрањо постојано нè повикува да имаме чувство кон оние кои се на маргините и за малите и затоа сме горди што Вие денес сте меѓу нас Католиците од Македонија од источен и западен обред, кои сме малобројна Црква во нашата Татковина а сепак препознавте дека можете на нас малите и на маргините да ни донесете голема радост, дека Бог е свртен токму кон најпотребните, малите, сиромашните но богати во Духот и христијанската традиција.
Ваша Екселенција, нека Вашето доаѓање биде благословено и секој Ваш збор нека падне на плодна почва, зашто тука свештениците, монасите, монахињите и Божјиот народ – поминувајќи низ тешка историја чувствуваат дека Божјиот плуг изорал длабоки бразди и дека сега сме плодна нива за семето на Божјото слово кое го очекуваме од Вас. Чувствувајте се добро во нашата средина, во нашиот град, родниот град на св. Мајка Тереза, и нашата земја – Македонија, а пред сè во нашата заедница, верувајте од мигот кога дознавме за Вашето доаѓање Вие сте гост на нашите срца, а за оваа Ваше доаѓање се подготвуваме со молитва. Благословен е Оној кој доаѓа во името Господово!
Хомилија на Неговата Ексцеленција надбискупот Пол Ричард Галагер
Бискупот Стојанов и надбискупот Галагер служеа света Литургија во Скопската катедрала