Со своето славно Воскресение Исус го исполнил делото кое Отецот му го поверил да го исполни меѓу луѓето. Исполнувајќи ја својата мисија, ги подготвувал за оној конечен зафат и дар кој планирал да им го даде, откако знаел дека повторно ќе се врати кај Отецот. Но неговата мисија не била некоја површна мисија, откако ќе требало да се врати кај Отецот, туку неговата мисија се однесувала на самата суштина на човечкиот живот.
Всушност неговото спасително дело првенствено се однесувало на обновувањето на човекот кој заради гревот бил во пропаст, иако тоа надворешно не се гледало. Човекот се срушил во самиот себе откако згрешил и се откажал од заедништвото со Бога, и како последно створение на светот потонал под товарот на човечкиот грев. Синот Божји, согласно со пророчките навестувња, работел на спасителното дело, и сакал да ги санира последиците од пропаста на човекот и повторно да го подигне човечкото тело овозможувајќи да биде Божји храм, како што и било замислено во првобитниот Божји план. А последниот чин на обновување на човекот бил Светиот Дух повторно да се всели во човечкото тело кое е обновено со неговото страдање, смрт и воскресение. И навистина, човечката внатрешност може да се исполни само со Божјата внатрешност, а човековата празнина само со Божјото изобилство. Затоа Исус за своите ученици не подготвувал некои други дарови, освен што одлучил да им го даде својот Дух кој може до крајност да ги исполни, и единствено Тој може да им донесе мир во нивната немирна душа, единствено Тој може да внесе ред таму каде што имало неред.
Овој Исусов план одговара на свеста која ја изразува Псалмистот кога пее: Испрати го својот Дух, Господи, и обнови го лицето на земјата. Бидејќи обновата на земјата може да се случи само со обновувањето на луѓето, и затоа секогаш зависи од содржината која луѓето ја носат во своите срца. Исус сакал да ни го даде својот Дух, со цел, обновени со овој Дух, ние би биле способни да го обновуваме лицето на земјата. Затоа одозгора, или од внатре, нѐ обдарил со оваа животна Сила, за да го обновуваме лицето на земјата. Но обновувањето на лицето на земјата првенствено е обнова на човечноста која најпрво се обновува одвнатре, која после тоа станува способна да обновува сѐ околу себе. Затоа не било без причина што Исус дувнал во своите ученици и им рекол: Примете го Светиот Дух! Со тоа потполно ги препородил и ги исполнил и им дал власт и моќ да ги опростуваат гревовите, бидејќи ако има нешто што го нагрдува лицето на човекот и лицето на земјата, тогаш тоа е токму гревот.
Тоа искуство кое им го дал Исус на своите ученици, би требало да биде важно и во нашиот живот. Честопати денес се зборува за обновувања, се праваат многу планови за напредок и наводно се подготвува за подобра иднина. Но сите планови, желби и настојувања навистина зависат од тоа колку се обновени со Светиот Дух оние кои треба да ги реализираат овие планови во животот. Ако нема вистинска обнова од страна на Светиот Дух, сето друго е само залажување со кое не мамат демагозите и водачите на овој свет, а не ја разбираат суштината на самиот живот. Исус не е демагог, и многу добро знае која е важноста на чистиот дух во нашиот живот. Затоа ни го дава Божјиот Дух, Светиот Дух, за да нѐ натопи со Божјиот живот и светост без кои како луѓе немаме вистински живот. И не ни дава ограничен дар ниту пак некоја дозирана мера, туку ни ја дава полнотата на Божјето битие предавајќи ни го дарот на Љубовта со кој Тој и Отецот се љубат. Затоа и можел да им гарантира на своите ученици дека нема да ги остави сираци, туку деќа ќе остане засекогаш со нив, бидејќи во љубовта на Светиот Дух и Тој е присутен во душите на своите верници, како што во таа љубов е присутен и самиот Небесен Отец.
Затоа да му дозволиме на Господ и во нас да вдахне како што вдахнал и во своите ученици, т.е. да ја обновиме свеста дека Господ со своето воскресение и нам ни овозможил нов здив на животот. Ни го дал Својот Дух како кулминација на спасителното дело со кое нѐ води кон Божјите врвови, а не само кон земските и човечки достигнувања. Ни го дал Светиот Дух со кое се обновува ткивото на нашиот живот од заразата на гревот, од староста и гнилоста кои го нагризуваат, а настануваат како последица на гревот. Затоа да го обновиме својот дух и да живееме како оние кои од Светиот Дух примаат вистински Божји живот, непоминлив, вечен и свет. Да дозволиме да нѐ продре Божјата љубов и да донесуваме плодови достојни за Него, бидејќи само со Божјиот Дух може да изградуваме ново човештво и да го обновуваме лицето на својот народ и на целата земја.
Вера и Дела/З.А.