По повод споменот на епископот од Хипо, кој Црквата го чествува на 28 август, папата Лав XIV во објава на социјалната мрежа X истакна дека неговиот живот нè поучува да му го даваме на Бог и на другите она што сме го примиле од Господ.
Како „син на Свети Августин“, како што се нарече себеси кога се појави на ложата за благослов во базиликата Свети Петар на 8 мај 2025 година, по неговиот избор за Папа, папата Лав XIV, преку објава на социјалната мрежа X, потсети на литургискиот спомен на овој црковен отец. Тој охрабри да се вратиме на неговиот живот, обележан со длабоко преобраќање, кој покажува како немирот на срцето ги наоѓа своите одговори во Бог. Папата напиша:
„Животот и сведоштвото на Свети Августин нè потсетуваат дека секој од нас примил дарови и таленти од Бог и дека нашиот повик, нашето исполнување и нашата радост се раѓаат од нивното враќање во грижливото служење на Бог и на другите.“
Да даваш за да примаш
Папата, исто така, зборуваше за служењето на Бог и на другите во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов на 10 август, кога потсети дека дарот Божји кои сме ние има потреба од љубов која нè преобразува и нè прави сè повеќе слични на Бог. Потоа го цитираше Свети Августин затоа што, како што пишува епископот од Хипо во својата 309-та проповед, од она што е дадено се прима нешто навистина различно – не злато или сребро, туку вечен живот – а она што е дадено се преобразува затоа што и самиот дарител се преобразува.
Семето на добрината
„Бог е твоето сè. Ако си гладен, Бог е твојот леб; ако си жеден, Бог е твојата вода; ако си во темнина, Бог е твојата светлина која никогаш не заоѓа; ако си гол, Бог е твојата бесмртна облека“ – рече папата Лав XIV, повикувајќи се на проповедта од Коментарот на Евангелието според Иван на епископот од Хипо, по повод средбата со четири женски монашки заедници, кои ги прими на 30 јуни по повод нивните Генерални собранија.
„Ова е милосрдие“ – истакна Папата – „коe е поврзано со приматот на Бог во христијанскиот живот и кое ги навело мажите и жените, со сите свои ограничувања, да прават дела за кои можеби никогаш не мислеле дека можат да ги постигнат, овозможувајќи им да сеат семе на добрина кое, минувајќи низ векови и континенти, денес стигнало речиси до целиот свет.“
Во братството
Правењето добро и заедничкото делување е потсетник на столбовите на Августиновата мисла – заедништвото, пријателството и единството. Во 359-от говор, кој Папата го цитираше на светата Литургија на почетокот на својот понтификат на 18 мај, Свети Августин напиша дека Црквата е составена од сите оние кои се во хармонија со своите браќа и сестри и кои го љубат својот ближен.
Затоа, папата Лав XIV посака Црква која е обединета, знак на единство и заедништво, која станува квасец за помирен свет. Ова единство се раѓа од чувството дека сме браќа и сестри, бидејќи секоја личност е израз на ликот Божји.
„Колку е важно секогаш да се има предвид“ – рече Папата за време на ручекот со сиромашните во Борго Лаудато си’ на 17 август – „дека токму ова присуство Божјо го пронаоѓаме во секој од нас. Затоа, да се биде собран овде попладне, на овој ручек, значи да се живее заедно со Бог, во ова заедништво, во ова братство“ – истакна Папата.
Ватикан њуз/к.мк