Папа Лав XIV: Погледот на Марија им помага на луѓето и културите да одат по патот на мирот

Папата ја затвори четиридневната сесија на 26. Меѓународен Мариолошко-маријански конгрес, заблагодарувајќи се на приближно 600 експерти по мариологија кои учествуваа во работата. Светиот Отец истакна дека Марија никогаш не престанува да отвора врати, да гради мостови, да урива ѕидови и да му помага на човештвото да живее во хармонија во различноста.
Папата Лав XIV се обрати во сабота, 6 септември 2025 година, во салата „Павле VI“, по повод завршувањето на 26. Меѓународен Мариолошко-маријански конгрес, кој се одржа од 3 септември до 6 септември, на Папскиот универзитет „Антонианум“ во Рим, во организација на Папската меѓународна Маријанска академија. Во текот на четирите дена, приближно 600 експерти по од четири континенти дискутираа на темата на Конгресот „Јубилеј и синодалност: Црквата со маријанско лице и пракса“. Светиот Отец нагласи дека слушањето на Божјото Слово ја отвора Црквата за синодалност и додаде:
„Набљудувањето на таинството на Бога и историјата со внатрешниот поглед на Марија нè штити од измамите на пропагандата, идеологијата и нездравите информации кои никогаш нема да можат да пренесат разоружувачки збор, и нè отвора кон божествената бесплатност која единствено им овозможува на поединците, народите и културите да одат заедно по патиштата на мирот.“
Две библиски категории
Римскиот епископ истакна дека темата на конференцијата содржи две библиски категории, Јубилеј и синодалност, кои ефикасно укажуваат на повикот и мисијата на Мајката Исусова, како и на повикот на самата Црква. Пресвета Дева Марија е модел за Црквата затоа што, како Мајка на Црквата, таа нè учи како да бидеме свет народ Божји. Оваа важна улога ја игра и Папската академија, која потсетува дека Црквата секогаш има маријанско лице и пракса.
Жена на Јубилејот
Петровиот наследник нагласи дека Марија е жена на Јубилејот затоа што секогаш почнува со слушање на Божјото Слово. Таа го прави тоа со став кој копнее по она што го слуша од Бога. Како Марија, Црквата секогаш го негува дијалогот со Бога и Му поставува прашања, како што прави Исусовата Мајка во моментот на Благовештението кога рече: „Како ќе биде ова?“
Жена на Синодата
Потоа Светиот Отец рече дека Марија е и синодална жена затоа што е целосно и мајчински вклучена во делувањето на Светиот Дух, кој секогаш ги повикува оние кои биле разделени да одат заедно, како браќа и сестри. Марија е совршена соработничка на Светиот Дух, таа никогаш не престанува да отвора врати, да гради мостови, да урива ѕидови и да му помага на човештвото да живее во мир и хармонија со различноста – нагласи Папата.
Црква со ликот на Марија
Од овие две карактеристики произлегува мисијата на Црквата со срцето на Марија, која ги зачувува и реализира верските вистини што вклучуваат разум и љубов, тело и душа, универзално и локално, индивидуално и заедничко, човештвото и светот. Маријанската побожност и пракса ја доведуваат каритативната мисија на Црквата во конкретна реалност, така што таа сериозно ги сфаќа сите човечки реалности, почнувајќи од најмалите и отфрлените.
Марија, пат за дијалог меѓу културите
На крајот од своето обраќање, пред да ја заврши средбата со молитвата „Радувај се Марија“, папата Лав XIV ѝ се заблагодари на Папската академија за нејзината служба на Црквата, предлагајќи го ликот и пораката на Мајката Исусова како пат за средба и дијалог меѓу културите.
Ватикан њуз/к.мк