Пред да моли Ангел Господов, Папата повика на прекин на насилството во Светата Земја, Украина и Мјанмар, од каде продолжуваат да пристигнуваат извештаи за насилство врз луѓето и цивилната инфраструктура. Тој ги повика меѓународните лидери да дејствуваат со мудрост и упорност и потсети на мисионерите кои ги дале своите животи за да го шират Евангелието. На плоштадот „Свети Петар“, меѓу присутните беа претседателите на Италија и Либан.
Пред да моли Ангел Господов на крајот од светата Литургија за канонизација на седум нови светци, која ја предводеше на плоштадот „Свети Петар“ во недела, 19 октомври, папата Лав XIV повторно им се обрати на меѓународните лидери, повикувајќи ги да се ангажираат за да се стави крај на насилството таму каде што оружјето сè уште преовладува. Тој се помоли Бога да им даде на сите одговорни мудрост и упорност да напредуваат во потрагата по праведен и траен мир, и се помоли за застапништвото на Пресвета Богородица и новите светци, доверувајќи им ги молитвите за мир во Светата Земја, во Украина и на други места на војна, како што е Мјанмар. Тој нагласи:
За жал, од Мјанмар пристигнуваат болни вести за продолжениот вооружен конфликт и воздушните напади, дури и врз луѓето и цивилната инфраструктура. Моите мисли се со сите оние кои страдаат од насилството, несигурноста и толку многу страдање. Го повторувам мојот искрен апел за итен и ефикасен прекин на огнот што е можно поскоро. Оружјето нека отстапи место на алатките за мир преку инклузивен и конструктивен дијалог.
Пред повеќе од 70 илјади собрани верници, Светиот Отец потсети на Светскиот ден на мисиите и потсети на оние кои ги дале своите животи во служба на верата. Затоа додаде:
Црквата е целосно мисионерска, но денес се молиме особено за оние мажи и жени кои оставиле сè за да го проповедаат Евангелието на оние кои сè уште не го познаваат. Тие се мисионери на надежта меѓу народите, Господ нека ги благослови.
Светиот Отец заврши со поздравување на сите присутни на светата Литургија за канонизација, која ја нарече голема прослава на светоста, заблагодарувајќи им се на присутните кардинали и патријарси, како и на претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, и на претседателот на Либан, Јозеф Калил Аун. Тој ги поздрави и официјалните делегации, особено од Ерменија и Венецуела, а потоа радосно им се заблагодари на духовните ќерки кои денес беа канонизирани, како и на различните заедници и здруженија вдахновени од харизмите на новите светци.
Папата Лав XIV заврши со поздравување на сите ходочесници, а особено на Hermandad del Señor de los Milagros — братството кое ја организираше големата меѓународна поворка со чудотворната икона на Señor de los Milagros пред која Светиот Отец застана на момент додека го обиколуваше плоштадот „Свети Петар“ во папамобилот на крајот од евхаристиското славење.
Ватикан њуз/к.мк