Папа Лав XIV и светот на висината на децата

Папа Лав XIV и светот на висината на децата

Минати се два месеци од изборот на Роберт Франсис Превост за наследник на Петровиот престол, и веќе постојат бројни симболични слики од неговиот понтификат што штотуку започна. Меѓу нив, иако помалку позната, е и онаа на новиот Папа кој се наведнува за да биде покрај девојче што сака да му подари цртеж. Едноставен гест, но со порака од голема вредност: за да изградиме подобар свет, мораме да се ставиме на висината на децата.

Сликите што ги донесоа првите два месеци од понтификатот на Лав XIV се бројни и богати со значење. Некои од нив ќе останат долго во колективната меморија, како солзите што ги задржа на централниот балкон на ватиканската базилика додека го гледаше радосниот народ собран на плоштадот Свети Петар попладнето на 8 мај, при неговиот прв благослов Urbi et Orbi – на Градот и на светот, по изборот. Меѓутоа, постои една слика, многу помалку позната, што природно носи порака и визија за иднината. Станува збор за фотографија што го прикажува папата Лав како клечи на колена покрај едно девојче од ватиканскиот Летен центар, кое му покажува цртеж.

Впечатливи се нивните насмевки: Папата очигледно гледа во објективот на оној што фотографира. Девојчето, „возбудено“ од гестот, не гледа во фотоапаратот, туку насмеано го вперува погледот кон Папата. Зошто оваа слика е толку значајна? Затоа што со тоа едноставно наведнување, Папата ни покажа насока која сите треба да ја следиме, а особено оние што денес ја држат судбината на светот во свои раце: да се спуштиме на висината на децата, да го гледаме светот со нивните очи. Колку ли би се сменила судбината на човештвото ако секој од нас ја имаше храброста да се снижи, како што тоа го направи Исус, кога – укорувајќи ги учениците кои сакаа да ги отстранат „досадните“ деца – ја изговори бесмртната реченица: „Пуштете ги децата да доаѓаат при мене“.

Колку денес навистина им дозволуваме на децата да ни пријдат? А пред сè, колку ние им излегуваме во пресрет? На децата изморени од војна, изгладнети поради себичноста на другите, злоставувани на безброј начини. Логиката, уште пред чувството, подразбира дека возрасните треба да ги штитат малите. Напротив, се случува спротивното: во војни одлучени од возрасни, први страдаат токму децата. Што би виделе ако се спуштевме на нивото на децата од Газа, Харкив, Гома и многу, премногу други места погодени од вооружени конфликти? Ако тоа би го направиле, можеби нешто ќе се променеше.

„Ако сакаме во овој свет да поучуваме во вистинскиот мир“, велеше Ганди, „и ако сакаме да водиме вистинска војна против војната, треба да почнеме од децата“. Замислете на миг дека во Советот за безбедност на Обединетите нации седат деца од народите на големите сили. Којзнае колку би се промениле меѓународните односи. За жал, мораме со жалење да признаеме дека реалноста на војната ни е всадена, како отров, уште од најмала возраст. Бертолд Брехт тоа го објаснува на драматично ефективен начин во песна напишана додека се приближувал мрачниот почеток на Втората светска војна: „Децата си играат војна. Ретко си играат мир, бидејќи возрасните отсекогаш водат војни“.

Затоа можеби единствениот начин навистина да се смени текот на историјата е оној што изгледа најневеројатно: да се понизиме, да се одречеме од своите возрасни убедувања и интереси, и да ги ставиме нашите очи (а уште повеќе нашето срце) во „понизниот“ поглед на децата. Папата Лав, како мисионер и епископ во Перу, многупати се наведнуваше за да биде на нивото на децата. Бројни се сликите што го прикажуваат во такви ситуации. Сега, како римски бискуп, неговиот стил не се променил, како што „потврдува“ и фотографијата од Летниот центар на Ватикан, во салата Павле VI. Затоа треба да се бидеме мали, за да ја зголемиме нашата човечност. Тоа е лекција која денес ни е повеќе од потребна.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот